Во конкретниот случај, како што се додава во соопштението од ЗНМ, Советот цени дека начинот на комуникација и тонот на обраќање на новинарот не соодветствуваат со принципите на достоинствен и професионален јавен дискурс

Правото на слободно поставување прашања и критичко известување на новинарите е неотуѓиво и суштинско за функционирањето на едно демократско општество, но ова право подразбира и обврска за доследно почитување на професионалните и етичките стандарди, велат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) осврнувајќи се на последниот случај поврзан со однесувањето на новинарот Невриј Адеми на прес конференцијата на министерката за образование и наука Весна Јаневска во Тетово. Од ЗНМ велат дека Советот на честа при ЗНМ внимателно го следеле случајот кој отвори јавна дебата во медиумскиот простор.
Имајќи ја предвид улогата на новинарите како носители на јавниот интерес и чувари на демократските вредности, Советот потсетува дека ова право подразбира и обврска за доследно почитување на професионалните и етичките стандарди.
Во конкретниот случај, како што се додава во соопштението од ЗНМ, Советот цени дека начинот на комуникација и тонот на обраќање на новинарот не соодветствуваат со принципите на достоинствен и професионален јавен дискурс.
„Конкретно, членот 15 од Кодексот на новинарите, вели дека новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката, а непримерната комуникација со јавноста е неспоива со новинарската професија“,
велат од ЗНМ.
Од Советот на честа нагласуваат дека ваквите случаи не придонесуваат за унапредување на довербата во медиумите, ниту за квалитетен јавен дијалог.
Оттаму упатуваат апел до сите новинари и медиумски работници да се придржуваат кон највисоките професионални стандарди, да ја негуваат културата на комуникација и да придонесуваат кон градење на взаемна почит во јавниот простор.
Од Советот потсетуваат дека почитта во односите меѓу носителите на јавни функции и медиумите треба да биде двонасочна, при што институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена и професионална работа на новинарите.
Исто така, Советот укажува и дека овој случај не смее да се користи за дневнополитички цели, ниту за создавање дополнителни тензии и погрешни интерпретации во етнички контекст.
Од ЗНМ велат дека Советот на честа ќе продолжи да ги следи ваквите случаи и, согласно своите надлежности, да реагира во насока на заштита и унапредување на етичките стандарди во новинарството.
