Ова, според партијата, јасно покажуваат дека ЕСМ немаат доволен производствен капацитет за да ги покријат потребите на регулираниот пазар, што директно води кон зголемен притисок врз цената на електрична енергија за граѓаните
Речиси 25 милиони евра се потрошни за увоз на струја од почетокот на 2026 година, соопштија од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Оттаму велат дека само од почетокот на 2026 година ЕСМ, со цел да ги покрие потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, биле принудени да набавуваат електрична енергија во најмалку два наврати, при што се потрошени 24 385 872 евра за увоз на електрична енергија.
„Во јануари се набавени 104 160 мегават часови по цена од 119, 50 евра за мегават-час или вкупно 12 447 120 евра. Во февруари 94 080 мегават-часа по цена од 126,90 евра за мегават-час или вкупно 11 938 752 евра“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Ова, како што додаваат од партијата, се конкретни факти имајќи ги предвид изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во однос на работата на компанијата ЕСМ. Податоците, според ДУИ, целосно ги демантираат тврдењата и дезинформациите што доаѓаат од раководството на ЕСМ и Министерството за енергетика.
„Овие бројки јасно покажуваат дека ЕСМ немаат доволен производствен капацитет за да ги покријат потребите на регулираниот пазар, што директно води кон зголемен притисок врз цената на електрична енергија за граѓаните“,
додаваат од партијата.
Електроенергетскиот систем, како што велат од ДУИ, се соочува со сериозни предизвици, а последиците од недомаќинското и нестручното управување ќе ги сносат граѓаните преку зголемени фактури.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера прашан за евентуално ослободување на резервите на мазут за производство на струја, кажа оти во моментот се размислува за таа опција.
Во таа насока, премиерот вели дека според информациите што ги добиле оние количини мазут, од околу 3 000 тони што требало да бидат повлечени на крајот на минатата година, кога беше прогласена кризна состојба, не се целосно повлечени.
„Така што, можеби ќе ја оживееме таа одлука, да се повлечат тие количини, па потоа евентуално би оделе со нова одлука. Денеска сум информиран од директорот на АД ЕСМ дека не само што ги задоволуваат потребите на граѓаните и конзумот, туку и продаваат навечер, со што имаме дополнителни приходи од страна на потрошувачите“,
кажа тој.
