„Бараме Обвинителството да утврди дали гувернерот со непостапување ја прекршил законската обврска и дали е овозможено незаконско продолжување мандати. Дополнително, бараме да се утврди и дали одлуките на органите на НБРМ се донесувани во незаконит состав“, се вели во партиското соопштение
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) бара Обвинителството да отвори предмет и да го испита непостапувањето на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за избор на вицегувернери во институцијата во законски императивниот рок.

Според партијата, во овој случај постојат сериозни индиции за прекршување на законот и свесно блокирање на институционалниот процес од страна на гувернерот.
„Бараме Обвинителството да утврди дали гувернерот со непостапување ја прекршил законската обврска и дали е овозможено незаконско продолжување мандати. Дополнително, бараме да се утврди и дали одлуките на органите на НБРМ се донесувани во незаконит состав“,
се вели во денешното соопштение од партијата.
Повикувајќи се на Законот за Народната банка, од СДСМ велат дека вицегувернерите ги именува Собранието исклучиво на предлог на гувернерот.
„Со недоставување предлог, гувернерот директно ја блокира законската постапка и спречува Собранието да ја изврши својата уставна надлежност. Член 55 јасно утврдува дека испразнетото место мора да се пополни најдоцна во рок од два месеца по истекот на мандатот. Овој рок е обврзувачки и императивен, а не препорачлив. Непочитувањето значи директна повреда на законот и злоупотреба на службената позиција“,
велат од СДСМ.
Оттаму посочуваат дека мандатите на вицегувернерите се истечени уште во октомври 2025 година, а законскиот рок истекол во декември 2025 година, но дека и покрај тоа, тие продолжуваат да учествуваат во носење одлуки, што го доведува во прашање легитимитетот на целиот состав и на донесените акти.
Дополнително, според опозициската партијата, иако веќе биле во нелегален мандат, Славески им исплатувал плати и, како што додаваат, веројатно заедно носеле нелегитимни одлуки со што ја донеле државата во правна и финансиска несигурност.
Од партијата укажуваат дека постои основано сомнение за незаконито непостапување на гувернерот, а дека институцијата функционира во спорен состав и одлуките донесени во такви услови можат да бидат правно оспорени.
„Постои и сериозен ризик од фаворизирање и нееднаков третман, бидејќи актуелен вицегувернер со истечен мандат е кандидат на истиот оглас. Ова е спротивно на начелата на законитост, правна сигурност и добро управување, утврдени во Законот за Народна банка“,
велат од партијата.
Откако вчера од СДСМ го обвинија Славески дека незаконски го блокира изборот на нови вицегувернери чиј мандат истекол уште минатата година, тој денеска, повикувајќи се на Законот за Народната банка, рече дека одлуките на Советот се легитимни иако е истечен мандатот на двете вицегувернери Ана Митреска и Емилија Нацевска.
Очекува парламентот во следните денови или на почетокот на идниот месец на дневен ред да го стави изборот на новите вицегувернери.
Славески не ги откри имињата на кандидатите за оваа функција и рече дека тие се веќе во Собранието. Дел од медиумите објавија дека станува збор за досегашната вицегувернерка Ана Митреска, која ќе добие втор мандат, и за Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, вчера рече дека законските рокови за нов избор на вицегувернери се веќе пробиени, со што директно е прекршен член 55 став 1 од Законот за Народна банка бидејќи крајниот рок за избор, 22 декември 2025 година, е поминат.
Од Народната банка одговорија дека предлозите за вицегувернери, по завршувањето на јавниот повик и во согласност со законските процедури, се доставени до Собранието и во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието.
