Лидерот на опозицијата, одговарајќи на новинарски прашања, ги отфрли наводите на ВМРО-ДПМНЕ за соработка со Зоран Башановиќ тврдејќи дека партијата користи сопствен пи-ар. Филипче смета дека премиерот Мицкоски е „опседнат“ со српски пи-ар и со Харис Џиновиќ за да избегне одговори за економската криза и цените на горивата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) утревечер ќе одржи Централен одбор на кој покрај редовните точки, лидерот на партијата ќе ја презентира партиската предлог-програма на која ќе работат членови на Централниот одбор за граѓаните да знаат какви политики ќе се предлагаат во следниот период.
Лидерот Венко Филипче рече дека предлог-програмата е подготвена од стручни комисии од различни области и сфери.
Филипче вели дека процесот ќе биде заокружен со Конгрес што ќе се одржи на 7 јуни кога ќе се усвои програмата.
Пред Конгресот, СДСМ ќе биде домаќин на меѓународен состанок „Скопска иницијатива“ со сестринските партии од регионот чија цел е потпишување на заедничка Платформа за борба против авторитарни режими, корупција и забрзување на евроинтеграциите бидејќи, како што рече Филипче, очигледно е дека сите се соочуваме со истиот предизвик.
Лидерот на опозицијата, одговарајќи на новинарски прашања, ги отфрли наводите на ВМРО-ДПМНЕ за соработка со Зоран Башановиќ тврдејќи дека партијата користи сопствен пи-ар.
„Ниту јас, ниту партијата имаме каква било врска со човекот што го посочуваат. Немаме српски пи-ар, ние имаме наш пи-ар“,
рече Филипче.
Тој смета дека премиерот Мицкоски е „опседнат“ со српски пи-ар и со Харис Џиновиќ за да избегне одговори за економската криза и цените на горивата.
„Тоа му се него одговорите. Ние го прашуваме што ќе прави со кризата, тој зборува Дубаи. Помош за граѓаните, тој зборува Харис Џиновиќ. Помош за земјоделството, за социјални случаи, да се намалат цените на горивата он зборува Башановиќ. Тоа се вистинските прашања – зошто дефокусираат и не одговара на суштинските прашања што им тежат на граѓаните“,
додаде Филипче.
Тој го упати премиерот „да ги бара Србите во најблиските редови, конкретно Србите што соработуваат со Путин и седат на столчето до него во Владата“.
Одговарајќи на новинарско прашање за неисполнетите вицегувернерски позиции во Народната банка, Филипче ја обвини власта за обид за целосна партиска контрола врз монетарната власт.
„Тоа целосно личи на начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ управува со државата – партизација, контрола и исклучиво партиски ветинг. Со ова се постигнува целосна контрола на институциите, но цената ја плаќаат младите кои ја напуштаат државата“,
изјави Филипче повикувајќи ги институциите да го истражат случајот.
