Опозициската партија бара итно усвојување на пакет-мерки како што е случајот и во земјите од регионот. Филипче го упати Мицкоски да ги погледне архивите во Владата за да види како работеле претходните влади за време на кризите и да им излезе во пресрет на граѓаните

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, упатувајќи критики до Владата за политиките што ги носи, ја обвини дека не преземан ништо пред бранот поскапувања што ги погодува граѓаните.
Според Филипче, скокот на цените на горивата веќе предизвикува реакција кај основните прехранбени продукти.
Филипче истакна дека нафтата од 71 денар достигнала цена од 95,5 денари, што директно ги погодува најранливите категории на граѓани.
„Граѓаните веќе се жалат дека имаат проблем, дека не можат да ја наполнат ниту основната кошничка. Поскапени се основните прехранбени производи јајцата, месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот, а знаеме дека кога тие продукти еднаш ќе поскапат назад цените нема да се вратат“,
изјави лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Тој ја обвини Владата дека само го намалила ДДВ на горивата, мерка која според него не носи реален бенефит за компаниите поради повратот на ДДВ, ниту за граѓаните, бидејќи основната цена пораснала.
Опозициската партија бара итно усвојување на пакет-мерки како што е случајот и во земјите од регионот. Филипче го упати Мицкоски да ги погледне архивите во Владата за да види како работеле претходните влади за време на кризите и да им излезе во пресрет на граѓаните.
Главните барања на СДСМ се намалување на ДДВ на нула отсто за основните прехранбени производи, намалување на акцизата за горивата за четири денари, што според Филипче е единствен начин за реално поевтинување, пониски цени на патарините за да се олесни транспортот и давање директна финансиска помош за пензионерите со ниски примања, социјалните случаи и многучлените семејства.
„Се надевам дека ќе си ја надмине суетата и ќе сфати дека ниту има визија, ниту има капацитет да ја води владата. Кога укажавме дека овој буџет којшто го предлага оваа влада ниту е развоен, ниту има капацитет да се справи со евентуална криза. Како да предвидовме дека криза можеби ќе има“,
додаде Филипче.
Тој предупреди дека економската состојба се влошува и на макро ниво, посочувајќи дека буџетскиот дефицит веќе пораснал од предвидените 3,5 на 5,1 отсто.
„Толку од предвидувањата и од менаџирањето на буџетот од премиерот поради тоа што очигледно е дека се нема капацитет оваа држава да се води како што треба“,
кажа Филипче.
Владата на вонредна седница во недела донесе одлука за намалување на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 отсто. Одлуката стапи во сила ноќеска на полноќ и ќе трае во наредните две недели.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера рече дека македонската Влада, е една од ретките во Европа која се одлучила со зафат во Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата, односно негово намалување од 18 отсто, да дејствува во насока на справување со енергетски ценовен шок.
Рече дека има уште неколку чекори и мерки што можат да се преземат, но, како што кажа, во овој момент ја следат ситуацијата.
