„Како (владина) коалиција имаме исклучително коректна соработка, не гледам во моментов простор за коалициони договори и преговори со други политички субјекти, затоа што, ќе повторам: „Образот го чувате цел живот, а го губите само еднаш“, изјави денеска премиерот, одговарајќи на новинарски прашања во Тетово
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека мај или јуни остануваат како термини за веќе најавената реконструкција на владата, кога, како што кажа, за време и пред неа, ќе бидат ставени на маса сите отворени прашања

Мицкоски ова го кажа денеска во Тетово, одговарајќи на новинарско прашање дали актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и вицепремиерот за задолжен за добро владеење Арбен Фетаи ќе останат во владата.
Според премиерот, коалициските партнери имаат принципиелен договор, и за сите отворени прашања ќе разговараат за време и пред реконструкцијата.
„Ние имаме принципиелен договор како коалициски партнери во Владата, сите три политички структури – тоа се коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН и политичката партија ЗНАМ. Најавивме дека таму некаде мај, јуни месец ќе имаме реконструкција во самата влада и се разбира дека многу од прашањата за време и пред таа реконструкција ќе бидат ставени на маса и ќе разговараме“,
кажа премиерот, кој денеска беше во Тетово на пуштање во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“.
Прашан дали може да се очекува проширување на парламентарното мнозинство со други партии, Мицкоски рече дека соработката на актуелните партнери во Владата е исклучително добра и оти не гледа простор за договори и преговори со други политички субјекти.
„Како (владина) коалиција имаме исклучително коректна соработка, не гледам во моментов простор за коалициони договори и преговори со други политички субјекти затоа што, ќе повторам: „Образот го чувате цел живот, а го губите само еднаш“,
рече премиерот.
Инаку, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани стана актуелно изминатиот период, откако Билал Касами, лидерот на Беса, која е дел од коалицијата ВЛЕН, минатиот месец кажа дека членството на партијата изразило незадоволство од работата на министерот и оти кога ќе дојде на дневен ред реконструкцијата на владата, за овој ресор може да биде предложен друг кадар.

Коментирајќи ги наводите на Касами, премиерот Христијан Мицкоски, пак, тогаш изјави дека е задоволен од работата на Фатмир Лимани и оти тој претставува додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Мицкоски тогаш го потсети Касами дека тој е мандатар на владата и оти тој одлучува кој ќе биде дел од неа.
Дополнителни бранувања во Беса и ВЛЕН пред десетина дена предизивика фотографија од ифтарска вечера организирана од албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, а на која се присутни министерот Лимани, претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, и лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, придружени од уште неколку функционери од нивните партии.
Вицепремиерот Арбен Фетаи, пак, беше дел од крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, но двајцата се разидоа откако поранешниот министер за задравство реши да ја напушти владата.
Како што пренесоа медиумите кон крајот на минатиот месец, тој одржал состанок со структурите на Алијанса за Албанците кои се дел од коалицијата ВЛЕН на кој биле дефинирани натамошните чекори во рамките на коалицијата.
На состанокот бил усвоен концептот „Нов сојуз“ како стратешки чекор кон посилно и пообединето политичко структурирање и била донесена одлука за итно суспендирање на функционирањето на сите тековни органи и прогласување привремен мораториум на сите партиски активности.
Со мнозинство гласови, основачкото собрание го овластило Арбен Фетаи, кој е наведен како претседател, да ги продолжи понатамошните преговори во рамките на раководството на ВЛЕН за трансформирање во политичка партија, во согласност со вредностите и принципите договорени досега.
