Новиот јавен обвинител на РСМ, Ненад Савески, во настап за 360° на МРТ 1, што е негово прво телевизиско интервју по изборот на функцијата, вели дека се надева дека извршната власт ќе ја разбере важноста за стабилно и финансиски поддржано Јавно обвинителство. Неговиот аргумент, за кој рече дека ќе му го каже и на премиерот Мицкоски, е дека не може сиромашно обвинителство соодветно да се за бори против богатиот криминал
Вели дека е изненаден од предлог-законот за јавно обвинителство во кој за неговата институција наместо планираните 0,5 отсто од вкупниот државен буџет, предлагачот предвидува 0,4 отсто, но од даночните приходи. „Тоа не е финален текст и јас очекувам, дури и гаам голема надеж дека тоа ќе биде коригирано“, изјави Савески

360°: Очекувањата се дека една од главните теми на средбата што велите дека дури и самиот би ја побарале со премиерот, би била обезбедување соодветен буџет за Јавното обвинителство, тема што патем е законска категорија и којашто досега никој не ја почитуваше. На оваа тема имам повеќе прашања, но првото би било – дали за Вас е прифатлив пристапот со кој мнозинството во Собранието, со законски измени, ги намалува коефициентите за платите на јавните обвинители и на тој начин ги држи на исто ниво и не дозволува да бидат зголемени?
Ненад Савески: И претходно сум кажал и денес сакам да повторам – основната работа на јавните обвинители е да откриваат и гонат сторители на кривични дела. Со недоволни финансиски средства не може да се очекува квалитетно вршење на овие активности. За да може да се следи криминалот и чекорот по кој се движи криминалот, ние мора да имаме финансиски средства. Факт е дека криминалот е богат. Факт е дека и од претходните раководители на јавното обвинителство беше истакнувано дека се потребни финансиски средства. Така што, апсолутно стојам на тоа дека јавното обвинителство треба финансиски да се поддржи онолку колку што е потребно, а услови за гонење и за откривање на криминалот мора да се создадат. Една од основите, секако, е финансиската поддршка.
360°: Премиерот, дури и во вчерашната изјава, сака да прави разлика меѓу поддршка за повисоки плати и поддршка за помошен персонал, стручни соработници, инфраструктура што им се потребни на судството и на јавното обвинителство. Вие правите ли разлика? Бидејќи еднаш и самиот рековте, можеби не се толку проблем платите колку што се парите за другите услови. Но, кога велите да се создадат услови за борба против богатиот криминал, претпоставувам имате на ум и обвинители што држат до себе, имаат интегритет, не се подложни на корупција, меѓу другото и затоа што се солидно платени.
Ненад Савески: Видете, финансискиот статус на јавните обвинители исто така е битен. Финансискиот статус на јавните обвинители е и една од гаранциите за нивно независно постапување. Платите какви што се денес не можат да бидат оправдување за некој јавен обвинител соодветно да не си ја врши професијата, односно јавнообвинителската работа. Тоа дека треба да се подобри финансискиот статус на јавните обвинители, треба и тоа вообичаено е во чекор со финансискиот статус на судиите. Статусот на јавните обвинители од финансиски аспект не треба да се разликува од статусот на судиите. Тоа се стандарди кои важат во сите демократски општества. Ние сме дел од демократските општества и се стремиме кон градење на демократски стандарди и неминовно е да се…

360°: Но, еве, Уставниот суд најде разлика и практично постапи поинаку кога се во прашање судиите, а немаше мнозинство – четири наспрема четити заврши гласањето кога беа во прашање платите на јавните обвинители.
Ненад Савески: Кажав, јас не го делам тој став, напротив, мојот став е сосема поинаков – дека судиите и јавните обвинители статусно, финансиски треба да бидат на исто ниво како што беше тоа и досега. Не без друго тоа и така било претходно предвидено и не сме ние единствен случај или изолиран случај, напротив, тоа претставува еден демократски стандард кој е гаранција за независно постапување и поставеност на јавното обвинителство и судството во системот.
360°: Во моментот во Собранието во тек е процедура за усвојување на нов закон за јавно обвинителство. Во него буџетот на јавното обвинителство е определен како најмалку 0,4 отсто од даночните приходи за тековната година. Во апсолутни бројки за 2026 година тоа се 13,9 милиони евра за цела година за целото јавно обвинителство, што е дури помалку и од актуелниот буџет на јавното обвинителство кој е определен на 14,4 милиони евра за оваа година, кој се смета за мал и несоодветен. Што мислите за ова?
Ненад Савески: Тоа не е финален текст и јас очекувам, дури и гаам голема надеж дека тоа ќе биде коригирано. Овие денови доста се расправа токму за тој дел од законот и очекувам дека пратениците ќе имаат разбирање за потребите од финансиска реална поддршка, како што кажав и претходно, односно и законодавната и извршната власт имаат задача да создадат услови јавното обвинителство да ја врши својата дејност онака како што очекуваат граѓаните на нашата држава.

360°: Особено што Владата пратила на мислење до Венецијанската комисија текст на закон во кој пишува дека буџетот на Јавното обвинителство е 0,5 отсто од вкупниот државен буџет. Е сега, рековме, во Собранието е пратен предлог-закон во којшто буџетот е определен како најмалку 0,4 отсто од даночните приходи. За публиката да има претстава за што зборуваме: 0,5 отсто од државниот буџет се 33,5 милиони евра, а рековме 0,4 отсто од даночните приходи се 13,9 милиони евра, што е огромна, огромна разлика. И сега не знам кој кого манипулира со овој пристап, дали некој мисли дека ја надмудрил Венецијанската комисија бидејќи велам, еден текст е пратен во Венецијанска, добиено е мислење за тој текст, и сега во Собрание има сосема нешто друго.
Ненад Савески: Која е позадината на таквата интервенција односно тој сега првичен законски текст, не можам да знам. Меѓутоа, и јас сум ја забележал разликата кога правев споредба со текстот на законот којшто е сега актуелен и оној што е во процедура. И пак ќе повторам, се надевам дека тој дел ќе биде коригиран и нема да се предвиди ваква значителна разлика, барем од она што досега како финансиска можност го имаме како финансиски средства.
