Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува новиот државен јавен обвинител Ненад Савески, се емитува вечерва (23 март 2026 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Зошто судијата Ненад Савески реши да биде јавен обвинител, па макар и државен јавен обвинител, ако статусно судството е над обвинителството – е воведното прашање до новиот јавен обвинител на РСМ, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, во прво негово интервју по изборот. Зошто СДСМ не го поддржа, дали има обврски кон актуелната власт, како ја разбира пораката од пратеникот Јован Јаулески дека има обврска „институционално да расчисти со последиците од СЈО“, дали имал контакти со премиерот или со некој друг од Владата во текот на процедурата за избор, што мисли за серијата обвинувачки изјави од премиерот за правосудството, дали за него е прифатливо буџетот на Јавното обвинителство да изнесува 0,4% од даночните приходи (а не 0,5% од државниот буџет, како што пишува во верзијата на законот испратена до Венецијанската комисија), како мисли да спроведе дигитализација, колку ќе се меша во конкретни предмети, што мисли за тоа како се постави Обвинителството кон трагичниот пожар во Кочани, каков му е ставот кон темата „притвор“… – се меѓу темите на кои разговараме со Савески.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
