Еден од показателите дека има проблем било тоа што 10 од овие 29 лица менувале матични лекари за време на боледување. Најголем број злоупотреби, рече Клековски, се правеле во испрекинатите боледувања, односно тие кои траеле седум дена и тие лица менувале матични лекари

Едно од пет боледувања во Министерството за внатрешни работи (МВР) се неуредни или неправилни. Овие податоци денеска ги презентираше директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, а кои се од деталната контрола на боледувањата кај вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР) спроведена во втората половина на 2025 година.
Со контролата биле опфатени 80 осигурени лица со 514 боледувања. Најголем дел од боледувањата – 258 биле до седум дена, а 171 до 15 дена. По 30 или повеќе денови имало 83 боледувања.
Она што било утврдено, како што кажа Клековски, е дека кај 29 од нив има неправилности во издадените боледувања, што е околу 37 отсто, односно дека околу 100 боледувања од вкупно 514 се неуредни или неправилни. Тоа е, рече Клековски, речиси секое петто боледување.
Еден од показателите дека има проблем било тоа што 10 од овие 29 лица менувале матични лекари за време на боледување. Најголем број злоупотреби, рече Клековски, се правеле во испрекинатите боледувања, односно тие што траеле седум дена и тие лица менувале матични лекари.
Клековски рече дека со контролата биле опфатени 105 приватни здравствени установи од кои најголемиот дел биле ординации по општа медицина, но имало и неколку по гинекологија и акушерство и по стоматологија. Исто така, контроли биле извршени и во три јавни здравствени установи и на три лекарски комисии.
Неправилности биле утврдени кај 27 ординации од општа медицина и две од гинекологија. Овие установи издале 100 неуредни боледувања.
За долгите боледувања, рече Клековски, беа контролирани и првостепените и второстепените лекарски комисии.
Тој посочи дека неправилности се констатирани и кај три специјалисти во јавни здравствени установи, значи, тоа се боледувања издадени врз основа на специјалистички извештај, како и неправилности во издавањето кај две првостепени лекарски комисии во два града.
„Најчесто се работи за неисполнување на задолжителни дијагностички постапки за издавање боледување, чисто како илустрација: ако е лумбаго, треба да има рендген-снимка за да се потврди дека е лумбаго“,
рече Клековски.
Најчесто користени дијагнози при издавањето боледување биле болести на респираторниот систем, на мускулниот систем и сврзното ткиво и на дигестивниот систем.
„За овие неправилности се покренати казнени постапки. Вкупната казна изнесува 1,2 милиони денари за овие приватни и јавни здравствени установи кои беа опфатени со контролата. Ова е мал дел од извршените контроли“,
додаде Клековски.
Тој додаде дека на барање на работодавачите се вршат редовни контроли, најчесто од МВР, Царина и Одбрана.
Според него, високо ниво на боледувања има и во јавното здравство. Клековски откри дека во одредени клиники дури 20 отсто од вработените во моментов се на боледување, но менаџментот на тие установи не бара контроли. Тој нагласи дека ФЗО не може да реагира по „допрен глас“, туку само по официјално барање на работодавачот.
„Ова е дел од пошироката акција за засилена контрола во јавниот сектор, каде надоместоците за боледување достигнуваат до 80-100%, со цел да се стави крај на злоупотребите на системот“,
рече Клековски.
Како решение за овој долгогодишен проблем, најави двегодишен европски проект за поврзување на системите на ФЗО и „Мој термин“. Овој интегриран систем ќе му овозможи на Фондот увид во сите боледувања, вклучително и тие до 15 дена.
