Опозиционерите ја обвинија власта дека доцни бидејќи другите земји во регионот од прв ден презеле мерки во врска со новонастанатата криза
Во пресрет на денешната вонредна владина седница, на која е најавено дека ќе се носат одлуки околу цените на горивата, опозицискиот СДСМ ја повика Владата да ги усвои мерките што партијата изминатиов период ги предложува со цел ублажување на ефектите од кризата.

„Владата мора итно да ги прифати мерките на СДСМ. Намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто, намалување на акцизата за 4 денари по литар, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините. Овие мерки ќе значат долгорочно и сеопфатно решение, вистински и реално ќе се намалат цените и на горивата и на храната и ќе се заштити стандардот на граѓаните во оваа криза“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите ја обвинија власта дека доцни бидејќи другите земји во регионот од прв ден презеле мерки во врска со новонастанатата криза.
„Владата на Мицкоски задоцни. Црна Гора веднаш ги намали акцизите за 50 отсто, во Албанија акцизата е преполовена, во БиХ и Хрватска има замрзнати цени на горивата. Само владата на Мицкоски не направи ништо. Очигледно намерно, за да профитираат бизнисите на ВМРО“,
додаваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Повикот на СДСМ доаѓа во пресрет на денешната вонредна седница на Владата закажана за 12 часот. На неа, според најавите, ќе се носат вонредни мерки за ублажување на ценовниот скок на горивата.
