Иако во последните години од својот живот тој не беше присутен на филмското платно, сепак остана популарен на социјалните мрежи, каде што обожавателите споделуваат бројни мемиња за неговата легендарна сила
На 86-година возраст почина американскиот актер Чак Норис, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на објава на неговиот профил на Инстаграм.

Според информации што ги сподели неговото семејство на социјалните мрежи, Норис пред да почине бил хоспитализиран во болница во Хаваи.
„За светот, тој беше борец, актер и симбол на сила. За нас, тој беше посветен сопруг, сакан татко и дедо, неверојатен брат и срце на нашето семејство. Тој го живееше животот со верба и имаше непоколеблива посветеност за луѓето што ги сакаше. Преку својата работа, дисциплина и љубезност, тој инспирираше милиони луѓе низ светот и остави неизбришлив белег во нивните животи“,
се вели во соопштението од неговото семејство.
Како мајстор на боречките вештини и херој на акционите филмови, кариерата на Норис во голем дел ја означи популарната серија „Вокер, тексашкиот ренџер“.
Како акционен актер, Норис се појави покрај легендарниот Брус Ли во филмот „Патот на змејот“ (исто така познат како „Враќањето на змејот“) од 1972 година.
Беше шампион во боречки вештини, а доказ за тоа е што поседуваше црн појас во џудо, црн појас од трет степен во бразилско џиу-џицу, петти степен во карате, осми степен во таеквондо, деветти степен во танг су до и десетти степен во чун кук до.
Норис имаше плодна актерска кариера кон крајот на 1970-тите и 1980-тите, глумејќи во „Делта Форс“, „Исчезнати во акција“, „Добрите момци носат црно“ (1978), „Октагон“ (1980), „Осамениот волк Меквејд“ (1983), „Кодексот на тишината“ (1985) и „Одење по оган“ (1986).
Во 2012 година тој им се придружи на акционите ѕвезди во филмот „Неуништливи 2“ на Силвестер Сталоне, по седумгодишно отсуство од екранот.
Роден е во Оклахома во 1940 година, а служел во воздухопловните сили на САД од 1958 до 1962 година. Во текот на својот живот бил двапати женет и имал пет деца, меѓу кои актерот Мајк Норис и возачот на НАСКАР, Ерик Норис.
Иако во последните години од својот живот тој не беше присутен на филмското платно, сепак остана популарен на социјалните мрежи, каде што обожавателите споделуваат бројни мемиња за неговата легендарна сила.
