Двајца анонимни извори за „Аксиос“ изјавија дека Трамп првично сакал да ја заврши војната пред планираното патување во Кина кон крајот на март, но блокадата на Ормускиот Теснец го принудила да го одложи патувањето и да ја продолжи војната подолго отколку што било предвидено
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува планови за заземање или блокада на иранскиот остров Харг, со цел да изврши притисок врз Иран за повторно отворање на Ормускиот Теснец, објави американскиот медиум „Аксиос“, повикувајќи се на повеќе анонимни извори.

„Трамп сака отварање на Ормускиот Теснец. Но, ако мора да го заземе островот Харг, тоа и ќе се случи. Ако одлучи да го нападне брегот, тоа ќе се случи. Сепак, одлуката сè уште не е донесена“,
изјави за „Аксиос“ висок функционер на американската администрација.
Инаку, островот Харг, кој се наоѓа на околу 24 километри од брегот на Иран, е клучен за нафтениот сектор бидејќи околу 90 отсто од извозот на сурова нафта се реализира токму преку него.
Според друг неименуван висок функционер, како што пренесува медиумот, сè уште не е донесена одлука дали да се испратат војници во Харг, но дека Трамп ќе го стори тоа доколку смета дека е соодветно.
Претседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот, Том Котон, вели оти затворањето на Теснецот е чин на очај од страна на Иран, додавајќи дека Трамп има огромни планови за тој случај.
Според пензионираниот контраадмирал Марк Монтгомери, воената мисија во Харг би можела да ги стави американските трупи во непотребен ризик со оглед на неизвесната перспектива.
„Поверојатно е дека по уште околу две недели напади и слабеење на иранските капацитети, САД ќе испратат уништувачи и авиони во Теснецот за да ги придружуваат танкерите, елиминирајќи ја потребата од инвазија“,
рече тој.
Двајца анонимни извори за „Аксиос“ изјавија дека Трамп првично сакал да ја заврши војната пред планираното патување во Кина кон крајот на март, но блокадата на Ормускиот Теснец го принудила да го одложи патувањето и да ја продолжи војната подолго отколку што било предвидено.
Трамп се закани дека ќе ја нападне нафтената инфраструктура на иранскиот центар на островот Харг, доколку Техеран не престане да напаѓа бродови во Ормускиот Теснец.
Минатата недела американските сили извршија удар од големи размери на островот Харг во Иран.
Погодени беа повеќе од 90 ирански воени цели на островот, истовремено зачувувајќи ја нафтената инфраструктура.
Во нападот беа уништени магацини на поморски мини, бункери за складирање ракети и неколку други воени локации.
