На скала од 0 до 100 поени, на која 0 поени означува неслободна, а 100 поени слободна земја, С Македонија во 2025 година е бодувана со 67 поени, исто како и на рангирањето во 2024 и 2023 година. Без постигнат напредок, земјава останува на позицијата делумно слободна, во друштво на другите пет земји од Западен Балкан
Северна Македонија останува делумно слободна земја – покажува последниот извештај на „Фридом хаус“ за 2025 година во кој на глобално ниво се оценува пристапот на луѓето до политичките и граѓанските права и слободи.

На скала од 0 до 100 поени, на која 0 поени означува неслободна, а 100 поени слободна земја, С Македонија во 2025 година е бодувана со 67 поени, исто како и на рангирањето во 2024 и 2023 година. Без постигнат напредок, земјава останува на позицијата делумно слободна, во друштво на другите пет земји од Западен Балкан.
Статусот на една земја во поглед на слободата, „Фридом хаус“ ја врши според збирот на поените од два критериуми – политички права, каде што максимални се 40 поени и граѓански слободи, чиј максимум е 60 поени. За 2025 година земјава има 28 поени во категоријата политички права и 39 за граѓански слободи.

Во однос на земјите од регионот, напредок од еден поен во однос на минатата година имаат постигнато Албанија и Косово, а Босна и Херцеговина напреднала за два поена, Црна Гора има пад од еден поен, а Србија пад од три бода.
Соседна Србија е меѓу земјите кај кои „Фридом хаус“ забележува најголем пад на слободата во текот на минатата година. Во извештајот се нотира дека земјата се соочила со демократско назадување поради притисоците на актуелната власт врз независните медиуми, граѓанското општество и организаторите на антивладините протести.
