На првиот работен ден на функцијата, новиот државен јавен обвинител се сретнал со јавните обвинители и со јавнообвинителските службеници во републичкото обвинителство, со кои разговарал за плановите и приоритетите во однос на функционирањето на јавнообвинителската организација, соопштија од Обвинителството
Новоименуваниот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска, веднаш по свечената заклетва во Собранието, ја презеде функцијата во просториите на Јавното обвинителствот на Република Северна Македонија.

Како што соопштија попладнево од Јавното обвинителство, тој одржал работна средба за примопредавање на функцијата со досегашната вршителка на должноста, јавната обвинителка Анита Тополова-Исајловска.
„Исто така, на првиот работен ден на функцијата, Јавниот обвинител на РСМ, Савески се сретна со јавните обвинители и со јавнообвинителските службеници во републичкото обвинителство, со кои разговараше за плановите и приоритетите во однос на функционирањето на јавнообвинителската организација“,
се вели во соопштението.
Откако вчера беше избран за нов државен јавен обвинител од мнозинството во Собранието, Ненад Савески, денеска ја даде и свечената изјава пред претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.
Во своја прва изјава за медиумите како прв човек на Обвинителството, тој се заблагодари на своите колеги судии, на Владата која го предложи и на пратениците кои вчера ја поддржаа неговата кандидатура.
Благодарност изрази и до сите пратеници кои за време на вчерашната дебата имале конкретни ставови во поглед на неговите персонални и професионални аспекти.
На првото прашање што го доби од новинарите дали му претставува товар тоа што при именување главно доби партиска поддршка од владејачкото мнозинство, но не и поширока политичка поддршка од опозицијата, кажа дека искрено очекувал поширока поддршка, но додаде дека, сепак, интересите на политичките партии не се предмет на негов интерес, и тоа било така и претходно и денес, како и во иднина.
Во тој контекст, наведе дека во своето работење секогаш ги имал Уставот, законите меѓународни документи коишто се дел од нашиот правен поредок, и оти така ќе биде и во иднина.
Фокус во неговата работа, како што кажа, ќе биде модернизацијата и дигитализацијата на Јавното обвинителство, во смисла на воведување систем преку кој би се управувало со распределбата на предметите, односно нивното доделување во работа на јавните обвинители, како што е тоа случај во судовите.
На овој начин, рече Савески, ќе може да се следи и работата на секој јавен обвинител поединечно.
Кажа и дека ќе ја гарантира транспарентноста и отчетноста за работата на секој јавен обвинител во секој конкретен предмет.

Неодминливо Савески беше прашан и за коментар за буџетот на Јавното обвинителство, за кој досега критики имаа неговите претходници, оценувајќи го како недоволен ниту за основни потреби, на што тој кажа дека ниту тој, ниту Јавното обвинителство во целина не може ништо да направи ако нема поддршка од другите институции.
Со шеесет и шест гласа „за“, два „против“ и осум „воздржани“, Собранието вчера попладне го именуваше судијата Ненад Савески за нов државен јавен обвинител.
Тој ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19. од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
