Тој ја обвини Владата дека не презема никакви соодветни мерки и додека граѓаните се соочуваат со растот на трошоците и зголемени цени, а не можат ниту да ги платат високите сметки, премиерот е зафатен со прослава

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најави дека денеска до Собранието ќе ги поднесе предлог-законските решенија со кои ќе се намалат цените на горивата и на храната и ќе се олеснат трошоците за граѓаните.
„Апелираме, ќе ги поднесеме денеска во текот на денот нашите предлог-закони за да се намали акцизата на горивата, ДДВ на основите прехранбени производи и да се преполоват патарините. Апелираме до оваа ненародна корумпирана власт овие закони да ги прифати за да им се излезе во пресрет на реалните потреби на граѓаните“,
рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој ја обвини Владата дека не презема никакви соодветни мерки и додека граѓаните се соочуваат со растот на трошоците и зголемени цени, а не можат ниту да ги платат високите сметки, премиерот е зафатен со прослава.
„Премиерот не е загрижен, тој е на самит на Европската народна партија два дена, нормално, на трошок на граѓаните и тоа кога тука растат цените не само на горивата, туку и на сите прехранбени продукти од часот во час“,
рече Филипче.
Тој додаде дека се очекува раст на цената на струјата и на сè друго, а единствено што не расте, како што рече, се платите.
Според него, потребно е да се свикаат итни владини седници за да се донесат мерки коишто ќе им помогнат на граѓаните да ја надминат оваа криза.
„Наместо тоа, владиниот тим се шета во Брисел на прослави. И кога граѓаните утре нема да можат да ги платат ниту надуените сметки за струја, кога нема да можат да обезбедат ниту една, ниту пола потрошувачка кошничка, како што и сега не можат, треба да се сетат дека човекот што е сега премиер беше зафатен со тоа што беше на прослава 50 години на ЕПП“,
додаде Филипче.
Филипче пред два дена рече дека станува збор за четири предлог-законите што ќе ги поднесе СДСМ со кои се предложува намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто, намалување на акцизата за четири денари, третиот предлог-закон се однесува на укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, а четвртиот е за преполовување на цените на патарините во државата.
Инаку, денеска, Сојузот на синдикати на Македонија објави дека за 436 денари пораснала вредноста на синдикалната минимална кошница за март споредено со февруари годинава.
Согласно новите пресметки за месецов, кошничката изнесува 67 818 денари или 1 100 евра, што значи зголемување од 436 денари во споредба со минатиот месец, кога изнесуваше 67 382 денари.
