Од ССМ велат дека од почетокот на годината, за три месеци животот станал поскап за 2 326 денари

За 436 денари пораснала вредноста на синдикалната минимална кошница за март споредено со февруари годинава, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Согласно новите пресметки за месецов, кошничката изнесува 67 818 денари или 1 100 евра, што значи зголемување од 436 денари во споредба со минатиот месец, кога изнесуваше 67 382 денари.
Пресметките на ССМ покажуваат дека на оние семејства што живеат во стан под кирија им се потребни дополнителни 15 375 денари.
Од ССМ велат дека од почетокот на годината, за три месеци животот станал поскап за 2 326 денари.
„За три месеци животот поскап за околу 2 500 денари, тие минималната плата ќе ја усогласувале за 1 667 денари“,
додаваат од ССМ.
Синдикатите посочуваат и дека за три месеци цената на дизел-горивото е повисока за 27,5 денари.
„Цената на дизелот во истиот период на 05.01.2026 година изнесувала 64,50 денари за литар, а на 16.03.2026 година 92 денари за литар или за три месеци се зголемила за 27,50 денари за литар“,
додаваат од ССМ.
Сојузот на синдикати на Македонија бара зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра.
Но, по седница на Економско-социјалниот совет одржана на почетокот на овој месец, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши потврди дека минималната нето-плата во Македонија од овој месец се зголемува за 1 667 денари и ќе изнесува точно 26 046 денари.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја напушти седницата на Економско-социјалниот совет, а причината, како што вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, е намерата „на мала врата да утврдат усогласување на минималната плата за околу 1 600 денари“.
