Од партијата велат дека оваа состојба укажува на континуирано влошување на економските прилики и оти Владата не презема конкретни мерки за поддршка на граѓаните

Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати критики до Владата за состојбата во економијата, повикувајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) кои покажуваат пад на индустриското производство.
Бесарта Алија од ДУИ, на денешната прес-конференција, рече дека индустрискиот сектор бележи пад од 9,4 отсто во споредба со истиот месец минатата година.
Ова, како што рече таа, е јасен показател дека над 200 милиони евра од унгарскиот кредит не дале никаков ефект врз економскиот развој на државата.
Напротив, вели Алија, и денес нема транспарентност за тоа како се распределени овие средства и кои се нивните корисници.
Од ДУИ велат дека податоците покажуваат и пад од 3,6 отсто на бројот на вработени во индустрискиот сектор, што, според нив, е сериозен аларм за економијата и за животниот стандард на граѓаните.
„Оваа состојба укажува на континуирано влошување на економските прилики, додека Владата не презема конкретни мерки за поддршка на граѓаните“,
рече Алија.
Партијата бара итно објавување на листата на компании кои ги добиле средствата од унгарскиот кредит.
„Падот на индустриското производство со право го поставува прашањето: каде завршија овие средства и како се инвестирани?“,
додаде Алија.
Од ДУИ потсетуваат дека товарот за враќање на овој кредит паѓа на граѓаните и ги повикаа надлежните институции веднаш да ја информираат јавноста за начинот на распределба на средствата и за конкретните корисници.
Државниот завод за статистика вчера објави дека прометот во индустријата, вкупно, е намален за 9,4 проценти во јануари годинава во однос на истиот месец лани, а на месечно за 13,9 проценти.
Најголемо влијание врз намалувањето на вкупниот промет во индустријата во јануари годинава, во однос на лани, имаат одделите за производство на метали со 24,4 проценти, производство на моторни возила, приколки и полуприколки со 23,3 проценти и производство на прехранбени производи со 5,6 проценти.
