На средбата, која се одржала на маргините на одбележувањето на 50-годишнината од Европската народна партија (ЕПП), двајцата лидери дискутирале за геополитичките предизвици и енергетската стабилност на регионот

Хрватска останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции, потврди хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по синоќешната средба со претседателот на македонската влада, Христијан Мицкоски, во Брисел.
На средбата, која се одржала на маргините на одбележувањето на 50-годишнината од Европската народна партија (ЕПП), двајцата лидери дискутирале за геополитичките предизвици и енергетската стабилност на регионот.
Пленковиќ, во објава на неговиот профил на Икс, вели дека земјава заслужува јасна ЕУ-перспектива.
На средбата двајцата премиери разговарале за снабдувањето со енергенси во Југоисточна Европа и справувањето со високите цени.
„Разменивме мислења за геополитичките предизвици, безбедноста на снабдувањето со енергија во Југоисточна Европа, како и за мерките што ги преземаат двете влади за борба против порастот на цените на енергенсите“,
вели Пленковиќ.
Drago mi je u Bruxellesu sastati se s predsjednikom Vlade Sjeverne Makedonije @MickoskiHM. Razmijenili smo mišljenja o geopolitičkim izazovima, sigurnosti energetske opskrbe na jugoistoku Europe, kao i o mjerama koje dvije vlade poduzimaju u borbi protiv rasta cijena energenata.… pic.twitter.com/YsH1cAy8e2
— Andrej Plenković (@AndrejPlenkovic) March 18, 2026
Премиерот Мицкоски, исто така, го истакна значењето на оваа средба нагласувајќи дека во фокусот биле регионалната соработка и унапредувањето на билатералните односи.
„На средбата беше разменето мислење за актуелните предизвици во Европа, регионалната соработка и европската перспектива, со посебен акцент на унапредување на билатералните односи и партнерството во рамки на европското семејство“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, предводи партиска делегација на Конгресот на ЕПП што се одржува до 20 март. На овој собир се поканети и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
