Властите во Абу Даби соопштија дека биле принудени да ги прекинат операциите во гасниот погон „Хабшан“ и полето Баб поради иранските напади, нарекувајќи ги „опасна ескалација“ на војната

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека „масовно ќе го разнесе“ најголемото гасно поле во светот откако израелските напади на оваа иранска локација го натераа Техеран да ги засили нападите врз енергетските објекти низ Блискиот Исток, пишува „Гардијан“.
Одлуката на Израел да го таргетира гасното поле Јужен Парс означи голема ескалација на војната, зголемувајќи ги стравувањата од значително нарушување на меѓународното снабдување со енергија.
Иран веднаш возврати со нови напади низ регионот, вклучително и врз катарските објекти за течен природен гас (LNG), што го разбесни американскиот претседател, се додава во написот на британскиот медиум.
Трамп вчера на социјалните медиуми тврдеше дека САД „не знаеле ништо“ за израелскиот напад врз Јужен Парс.
Американските медиуми претходно објавија дека САД биле свесни за нападот. „Волстрит журнал“ објави, повикувајќи се на неименувани американски претставници, дека претседателот го одобрил тоа, во обид да изврши притисок врз Техеран да го деблокира Ормускиот Теснец.
Властите во Абу Даби соопштија дека биле принудени да ги прекинат операциите во гасниот погон „Хабшан“ и полето Баб поради иранските напади што ги нарекоа „опасна ескалација“ на војната.
„Рас Лафан“ во Катар, местото на најголемиот центар за течен природен гас во светот, сега претрпе „голема штета“ по нападите од Иран, соопшти државниот гигант „Катар енерџи“.
Утринава, „Катар енерџи“ објави дека имало „значајни пожари“ и значителна штета во неколку постројки за течен природен гас во центарот. Катарското министерство за внатрешни работи подоцна соопшти дека сите пожари се локализирани.
Нападот врз Јужен Парс претставуваше прв удар врз иранското производство на фосилни горива откако САД и Израел го започнаа конфликтот пред речиси три недели.
Катар, кој го дели гасното поле со Иран, „на никаков начин, облик или форма, не бил вклучен во нападот, ниту, пак, имал поим дека тоа ќе се случи“, рече Трамп, додавајќи дека Израел нема повторно да го нападне гасното поле освен ако Иран повторно не ги нападне катарските гасни постројки.
Доколку Техеран одлучи да возврати, Трамп рече оти САД, со или без помош или согласност од Израел, масовно ќе го дигнат во воздух целото гасно поле Јужен Парс со сила и моќ какви што Иран никогаш порано не видел.
„Не сакам да одобрам вакво ниво на насилство и уништување поради долгорочните импликации што ќе ги има врз иднината на Иран, но доколку течниот природен гас на Катар повторно биде нападнат, нема да се двоумам да го сторам тоа“,
пишува Трамп на Трут сошал.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар го опиша израелскиот напад врз Јужен Парс како „опасен“ и „неодговорен“, повикувајќи ги сите страни да не ги таргетираат енергетските објекти. Министерството за надворешни работи на ОАЕ, исто така, го опиша потегот како „опасна ескалација“, предупредувајќи оти таргетирањето на енергетската инфраструктура претставува директна закана за глобалната енергетска безбедност.
Во меѓувреме, Ормускиот Теснец, низ кој обично минуваат околу една петтина од светските залихи на нафта и танкери за поморски гас, останува речиси затворен. Напорите на Трамп да изгради мултинационална поморска сила за повторно отворање на клучниот воден пат сè уште не вродија со плод.
