„Се работи за човек кој е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, нема црни дамки и петна, семеен човек е, има три деца, живее во Гостивар, и вели дека нема да го напушти, затоа ќе мора да патува. Имаме човек кој е мотивиран и мислам дека ќе биде прв меѓу оние кои сакаат да испорачаат правда“, кажа вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, образлагајќи го предлогот на Владата за нов државен јавен обвинител да биде именуван судијата Ненад Савески
„Ако г. Савески сака да биде обвинител на сите граѓани, а не на една власт, тогаш мора да се спротивстави на рамките што го прават зависен, затоа што правдата не смее да биде партиска, правдата не смее да биде контролирана. И на крајот прашањето не е дали ќе избереме јавен обвинител туку дали ќе зачуваме држава каде обвинителството му служи на законот, а не на власта“, рече пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска
Собранискиот пленум денеска ја почна седницата на која треба да се избере нов државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи судијата во Основниот кривичен суд скопје, Ненад Савески.

Уште на почетокот во првите обраќања може да се слушнат искрења меѓу претставниците на власта и опозицијата, кои настапија со различни аргументи околу целите поради кои се врши избор на нов шеф на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Додека за власта станува збор за именување што треба да ја врати професионалноста во работата на Јавното обвинителство и зголемување на довербата на граѓаните во оваа институција, за опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во суштина се работи за продолжување на обидот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ја наметне својата контрола врз правосудните органи на државата.
Расправата започна со образложување на предлогот Ненад Савески да биде именуван на оваа функција.
Предлогот го образложи вицепремиерот и министер за транспрот Александар Николоски, кој рече дека денешната седница јавноста ја очекувала долг период бидејќи, како што кажа, на Македонија очајно ѝ се потребни правда, отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на Јавното обвинителство.
„Оваа состојба во која се наоѓа јавнообвинителскиот систем не влева доверба кај граѓаните. Граѓаните не веруваат во системот, почесто да има неправда од права, а и тогаш кога ја има граѓаните се прашуваат дали се донела вистинската одлука. Ова е сериозна задача за новиот јавен обвинител, тоа е магистерот Ненад Савески, човек кој е долго во системот, којшто бил обвинител па судија, и сега ќе има шанса повторно да биде меѓу обвинителите“,
рече Николоски.

Осврнувајќи се на неговата биографија, вицепремиерот рече дека е сериозна и која освен во Македонија е потврдена и надвор.
Кажа и дека Савески одлично говори англиски и германски јазик, а има основни познавања и од албанскиот јазик.
„Се работи за човек кој е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, нема црни дамки и петна, семеен човек е, има три деца, живее во Гостивар, и вели дека нема да го напушти, затоа ќе мора да патува. Имаме човек кој е мотивиран и мислам дека ќе биде прв меѓу оние кои сакаат да испорачаат правда. Се разбира, еден човек не може да направи сè сам, затоа е потребен тим и тоа е она што се очекува во јавноста. Се надевам дека ќе има поддршка од целото Јавно обвинителство за да се испорачаат резултати заради подобрување на состојбите. Ве молам да му дадеме поддршка за да може од утре Јавното обвинителство подобро да функционира и да добиваме подобри вести за состојбата со македонското правосудство“,
кажа Николоски.

Со вицепремиерот не се согласи пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која рече дека биографијата на Савески не може да се игнорира, но, според неа, прашањето не е само кандидатот што се предлага , туку во каков систем се поставува.
Таа изборот на нов државен јавен обвинител го постави во призма на носењето на новиот закон за Јавно обвинителство кој е во собраниска процедура и кој во себе има скриени одредби кои овозможуваат влијание и контрола на власта во работата на Обвинителството.
„Дали навистина веруваме дека во услови кога се носи нов закон за Јавно обвинителство каде се оставаат одредби за политички влијанија и како во овие услови новиот обвинител може да работи независно. Иако Владата ветуваше буџет за обвинителството од 0,5 отсто, во законот тој е утврден на 0,4 проценти. Вистинската замка лежи во ставот 7 кој вели дека доколку државниот јавен обвинител побара повеќе средства и не се усогласи Министерството за финансии, Владата ќе го има конечниот збор“,
рече Тренчевска.
Како друга околност таа ја наведе одредбата, според која, како што рече, јавниот обвинител ќе може да презема предмети од секој обвинител, со образложение дека постапката ја води нестручно.
„Новиот систем на оценување на секои три години му дава моќ на Обвинителот да ја оценува работата на шефот на ОЈО ГОКК. Тоа не е реформа, тоа е ризик од партизирано обвинителство, ризик од правда по нарачка, од држава во која законот не важи подеднакво за сите сите, и затоа не зборуваме човек, туку против систем кој се гради за контролирање на луѓето“,
рече Тренчевска.
Таа го повика кандидатот за нов државен јавен обвинител Ненад Савески да го каже својот став во врска со предлог-законот за Јавно обвинителсто.
„Ако г. Савески сака да биде обвинител на сите граѓани, а не на една власта тогаш мора да се спротивстави на рамките што го прават зависен, затоа што правдата не смее да биде партиска, правдата не смее да биде контролирана. И на крајот прашањето не е дали ќе изберам јавен обвинител, туку дали ќе зачуваме држава каде обвинителството му служи на законот, а не на власта“,
рече пратеничката на СДСМ.
Во таа насока, Тренчевска рече дека Социјалдемократскиот сојуз јасно порачува дека Савески не е не е национален туку партиски обвинител на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој во својот мандат ќе влезе без поддршка на опозицијата што му наметнува огромен товар на докажување. Секое негово идно сомнително постапување по аферите (што ги отвори СДСМ) ќе се смета за директно исполнување на долгот кон партијата што го избрала“,
порача таа.

На обраќањето на пратеничката, со реплика реагира Николоски, кој рече дека да сакале да вршат политичка контрола врз обвинителството, уште од првиот ден кога дошле на власта ќе го сменеле јавниот обвинител. Во таа насока, тој обвини дека обвинителството и судството сè уште се наоѓаат по контрола на СДСМ и на нејзиниот поранешен лидер и експремиер Зоран Заев.
Зборувајќи во тој контекст, Николоски ја спомена и актуелната заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, но без да ја именува, за која рече дека додека била дел од власта во земјава, наложила ВМРО-ДПМНЕ да се затвори како партија поради тероризам.
„Три илјади луѓе беа под прогон затоа што крајната цел на оваа којашто е сега заменик-генерален секретар на НАТО беше да се затвори ВМРО-ДПМНЕ. Со судска одлука требаше да нè прогласите за терористичка организација и да забраните политичко дејствување на сите што тогаш бевме политичко раководство во рок од две години. За такво судство и обвинителство зборуваме. Зборувате за законот (за јавно обвинителство). Закони овде се носеа по потреба како кој требаше да му се исштанца обвинение. така се носеа закони. Ви требаше за промена на име, осум души ги донесовте од притвори да гласаат. Така беше? Е така беше. Требаше во ВМРО-ДПМНЕ да правите расколи, Сашо Мијалков и цела екипа ги пуштивте за да прават проблеми во партијата, но не успеаја затоа што бевме поцврсти отколку што мислевте. Срамота е ова што го кажувате“,
рече Николоски.
На наводите на Николоски, со контрареплика реагираше Тренчевска, која рече дека неговите наводи покажуваат оти единствено што му е важно на ВМРО-ДПМНЕ е нејзиниот поранешен лидер Никола Груевски.
„Затоа и ви беше репликата, а да не заборавиме на историјата и на затворената држава во времето на владеење на ВМРО, затоа што вашата цел и претходно и сега е да имате контрола врз правосудните органи. Не зборуваме за човек, за биографија, туку за вашите намери што ги имате со поставувањето на нов јавен обвинител“,
кажа Тренчевска.
Пред размената на опаски меѓу вицепремиерот и пратеничката, од собраниската говорница говореше пратеникот на коалицијата „Европски фронт“, Скендер Реџепи. Тој кажа дека во изминатите 30 години Обвинителството со селективност постапувало кон дел од граѓаните, особено кон Албанците. Во тој контекст тој наведе неколку случаи, меѓу кои ги издвои „Монструм“, „Алфа“ и трагедијата во Кочани, кои, како што кажа, на тест кај Албанците ќе го стават новиот државен јавен обвинител.
„Обвинителот кој ќе дојде треба да ги одреди вистинските виновници бидејќи вистинските виновници се од времето кога се случил настанот, а тие од пред 12-13 години се имагинарни виновници, рече Реџепи.
Според Јован Јаулевски од ВМРО-ДПМНЕ, новиот државен јавен обвинител ќе треба да расчисти и со наследството на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кое наместо симбол за правда, стана голем срам за правосудниот систем во државата.
„Трите грации од СЈО трагично но вистинито се извалкаа повеќе од трите прасиња… но ја извалкаа и правдата. Вашата обврска, Савески, ќе биде да го вратите интегритетот на институцијата и да докажете дека предметите се отвораат без нарачана агенда, дека притвор не е средство за политичка казна, ќе имате обврска да расчистите со остатоците од СЈО, а тоа значи конечно да се затвори едно лошо поглавје не со молк, туку со институционална решеност“,
кажа пратеникот.
