На прашањето со кои предмети првично би се зафатил со работа, дали со некој од актуелните – со поранешниот вицепремиер Артан Груби, РЕК „Битола“ или можеби некој постар предмет како бонусите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Савески вели дека тоа што е отворено како предмет, мора да дојде како завршница
Сакам да гарантирам отчетност и транспарентност, дигитализација, како услови за работа за еден обвинител да може да си ја врши својата работа на ефикасен и достоинствен начин. Ова во интервју за МИА го изјави кандидатот за нов државен јавен обвинител Ненад Савески, чиј избор како владин предлог денеска се наоѓа пред пратениците во Собранието.

Според него, најголем проблем во јавнообвинителската работа се токму условите за работа, а не платите, иако, како што вели, акцентот најмногу се става токму на тоа.
„Не може со сиромашна институција да се бори против богати од криминал“,
вели тој.
Сепак, најважно за него е да се дигитализира работата на обвинителите за да може да се следи нивната работа и да нема, како што вели, „фиока стоп-систем“.
„Таа дигитализација можеби би била некоја програма, која би била фиока стоп-систем. Значи, она што најчесто се натура како критика на Обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали тоа е недостиг на стручен кадар, на обвинители, дали недостига и помошен кадар на јавните обвинители“.
кажа Савески.
Смета дека прво треба да ја согледа состојбата внатре, да ги види условите за работа и да се запознае со состојбите. Потоа, како што вели, треба да се види финансиската конструкција на институцијата, потребите, како и да се види новиот закон, како ќе помогне, и да почне да се применува.
„Иако тоа не се некои радикални измени, сепак треба да видиме каков ефект ќе имаат овие козметички измени за подобрување на состојбите“,
вели кандидатот за нов јавен обвинител.
Сепак, како што вели, не смета дека со неговото доаѓање на чело на Јавното обвинителство на РСМ и со неговото заминување, ќе почне и ќе заврши работата во оваа установа.
„Сметам дека сите заедно, сите ние обвинителите и сите други државни органи, од кои зависи работата на Јавното обвинителство, ќе изградиме еден јак јавнообвинителски систем, кој може да одговори на задачата, а тоа е откривање и гонење на криминалот“,
вели тој.
Во изјавата за МИА, рече дека не сака да издвои предмет со кој би ја почнал работата како нов државен јавен обвинител бидејќи смета дека сите се еднакво важни оти се работи за човечки судбини.
На прашањето со кои предмети првично би се зафатил со работа, дали со некој од актуелните – со поранешниот вицепремиер Артан Груби, РЕК „Битола“ или можеби некој постар предмет како бонусите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Савески вели дека тоа што е отворено како предмет, тоа мора да дојде како завршница.
Вели дека секој предмет е важен и дека нема да води селективна правда.
„Дали таа завршница би била со запирање на истражната постапка или со поднесување обвинение пред суд, тоа се зависи од доказите во предметот. Стари предмети не може да отвораш ако тоа е пресудена работа. Си има законска регулатива за повторување на постапки, не зависи тоа од волјата или од очекувањата на некој. Кога има законски услови, секако, кога нема законски услови – тоа што важи за сите, како и за оние популарни случаи во јавноста. Во суштина, сметам дека колку и да е некој предмет значаен или од интерес на јавноста, не може фокусот да се стави на тие предмети, а да се занемарат другите предмети кои ете така да ги наречам се помалку важни. Секој предмет е важен, во сите предмети се решаваат човечки судбини и судбината на секој е еднакво важна, не може ние да се фокусираме на едни предмети, а да ги запоставиме другите. Токму тоа ми е интенцијата – секој предмет да си добие еднакво значење“,
вели тој.
