Новите рисови се забележани на дел од територијата кој ѝ припаѓа на Општина Врапчиште
Националниот парк „Шар Планина“ е побогат за уште два риса, со што бројот на рисови кои живеат на територијата на паркот од три се зголемува на пет, информираат од Паркот, од каде што додаваат дека двете нови единки биле забележани на камерите при вршење редовен мониторинг.

Новите рисови се забележани на дел од територијата кој ѝ припаѓа на Општина Врапчиште.
„На нашите трап-камери, на територијата на Паркот, неодамна се регистрирани две нови единки од балкански рис. Со ова, бројот на идентификувани единки од рис се зголемува од 3 на 5. Двете единки се во добра здравствена состојба, што претставува показател за стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина. Благодарение на заложбите на тимот на ЈУ Национален парк ‘Шар Планина’, бројот на дивите животни, а особено на рисот, е во пораст, што го потврдува позитивниот ефект од мерките за заштита на природата. Продолжуваме посветено да се залагаме за заштита на дивиот свет и унапредување на екосистемите на Шар Планина“,
посочуваат од Националниот парк.
