Од владејачката партија веруваат оти надлежните институции ќе ги изведат пред лицето на правдата сите виновници што го загрозија енергетскиот систем, вклучувајќи ги, како што велат, и големите директори од времето на СДСМ, кои се директно одговорни за урнисувањето на комбинатот
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) си зема за право да ги коментира состојбите во енергетиката, покажувајќи лицемерство и бесрамност, особено ако се знае оти за време на владеењето остави пустош во овој сектор. Ова е денешната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако СДСМ денеска ја повика Владата итно да ги прифати неговите предлог-законски решенија за запирање на кризата со цените.
Особено, според ВМРО-ДПМНЕ, тоа е евидентно кога опозицијата се осмелува да зборува за РЕК „Битола“ и намаленото домашно производство.

„Токму криминогеноста и ненаситната алчност на нивните кадри, ги оставија АД ЕСМ и РЕК ‘Битола’ во катастрофална состојба. Со нивните криминални тендери во РЕК ‘Битола’ си ги наполнија џебовите и станаа светски бизнисмени на релација Нов Зеланд – Дубаи, а домашните производствени капацитети ги оставија во пустош“,
се вели во денешното соопштение од владејачката партија.
Оттаму прашуваат дали некој во СДСМ ќе признае дека нивната деструктивна политика го доведе целиот енергетски систем во колапс и дали некој од партијата чувствува трошка вина за криминалните шеми.
„СДС сега глуми загриженост за сметките за струја, кои и покрај нивниот пустош останаа стабилни. Должни се да одговорат зошто го оставија ЕСМ со загуби од 140 милиони евра и долгови кон добавувачи од 80 милиони евра? Зошто го направија РЕК ‘Битола’ зависен од скап увозен јаглен и зошто дозволија цената на произведената струја да достигне неверојатни 140 евра за мегават час?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, додека СДСМ во периодот од 2017 до 2024 година системски го уништувал ЕСМ, како што се додава во соопштението, оттаму се искрале и милијарди денари, за што веќе се процесирани пријави за кривично гонење за 16 предмети од РЕК „Битола“.
„Веруваме оти надлежните институции ќе ги изведат пред лицето на правдата сите виновници што го загрозија енергетскиот систем, вклучувајќи ги и нивните ‘големи директори‘, како Васко Ковачевски – Колбасо и Пеце Матевски-Хармоникашо, кои се директно одговорни за урнисувањето на комбинатот“,
велат од партијата.
Тоа што СДСМ го уништи во периодот на владеењето, според ВМРО-ДПМНЕ е невозможно да се санира за кратко време, иако изминатата година и половина интензивно се работи на обнова и враќање на производствените капацитети во нормална состојба и на целосна консолидација на ЕСМ.
И покрај тоа што СДСМ ја претвори ЕСМ во загубар, сепак, според ВМРО-ДПМНЕ, цената на струјата за граѓаните остана стабилна.
