„Во разговорот стана збор и за европската перспектива на двете држави, како и за заедничките активности на патот кон Европската Унија. Воедно беше истакната и важноста на проектот Коридор 8, кој претставува заеднички приоритет од значење за двете земји, како и за унапредување на регионалната поврзаност и развој“, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, утрово имал телефонски разговор со неговиот колега, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, тема на разговорот биле билатералните односи меѓу двете земји, активностите на патот кон Европската Унија (ЕУ), Коридорот 8, а станало збор и за македонското национално малцинство во Албанија и заедничките обврски од УНЕСКО за заштита на Охридското Езеро.
„Двајцата министри го потврдија заедничкото задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, нагласувајќи ја подготвеноста за нивно натамошно унапредување.
Во разговорот стана збор и за европската перспектива на двете држави, како и за заедничките активности на патот кон Европската Унија. Воедно беше истакната и важноста на проектот Коридор 8, кој претставува заеднички приоритет од значење за двете земји, како и за унапредување на регионалната поврзаност и развој“,
се вели во соопштението од Министерството.
Во врска со македонското национално малцинство во Албанија, Муцунски ја истакнал неговата важност, која, како што навел, претставува значаен мост на пријателство и дополнително придонесува за продлабочување на односите меѓу двете држави.
„Воедно, министрите разговараа и за Охридското Езеро, обврските што произлегуваат од УНЕСКО, како и за заедничката одговорност за неговата заштита и одржливо управување со регионот“,
велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Шефовите на дипломатиите на двете земји, како што се додава, размениле мислења и за актуелните прашања од регионалната соработка. Притоа, тие ја нагласиле важноста од негувањето на добрососедските односи и заедничкиот придонес на двете држави кон стабилноста и безбедноста на регионот.
