Полицијата изврши претрес во дом и помошни простории што се во сопственост на неговиот татко, Б. М. (44), при што се пронајдени предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело
Приведен е 15-годишник од тетовско Џепчиште, осомничен за испраќање закани дека ќе постави експлозивна направа и ќе изврши напад во средно училиште во Тетово, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Полицијата вчера го привела осомничениот, а извршен е претрес во дом и помошни простории што се во сопственост на неговиот татко, Б. М. (44).
При претресот, според полицијата, се пронајдени предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело.
На настанот присуствувале и претставници од Центарот за социјални работи во Тетово.
По целосно документирање на случајот, како што информираат од СВР Тетово, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, вчера е приведен осумнаесетгодишник од тетовското село Палатица откако испраќал пораки до ученици во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово дека ќе постави бомби и ќе изврши убиства во училиштето.
