Министерката Јаневска појасни дека случајот е веќе во рацете на надлежните органи и оти постапува и Државниот просветен инспекторат

Професорот од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, кој е осомничен за сексуално вознемирување на 18-годишна ученичка, е суспендиран од работните задачи. Оваа информација денеска ја потврди министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Министерката Јаневска појасни дека случајот е веќе во рацете на надлежните органи.
„Државниот просветен инспекторат постапува. Случајот е пријавен во полицијата“,
изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на резултатите од истражувањето „Анализа за финансиска писменост во основното образование“.
Според информациите од МВР, на 9 март годинава, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 52-годишниот наставник. Пријавата се однесува на период од крајот на февруари до почетокот на март, при што осомничениот сексуално ја вознемирувал ученичката и барал од неа да имаат полови односи.
Основниот кривичен суд Скопје му одреди мерки на претпазливост кои вклучуваат одземање патна исправа, забрана за вршење одредени работни активности поврзани со кривичното дело и забрана за приближување до ученичката.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
