Божиновска, како што вели Фрчкоски, се поврзува и со „Руднап“ ДООЕЛ од Скопје, каде што била управител, што е клучен дел од енергетската бизнис-мрежа на Мицкоски, па сега е појасно зошто се создаде ново министерство и зошто на негово чело е поставена токму таа
Компанијата „Руднап“ и министерката за енергетика Сања Божиновска се клучната врска во енергетската бизнис-мрежа на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ова на денешната прес-конференција го соопшти Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), додавајќи дека со тоа антикорупцискиот систем на партијата открива уште еден сегмент од бизнис-мрежата на Мицкоски во енергетиката.

„Бизнис-релациите на Адамовиќ водат до Кипар и офшор компанија поврзана со енергетиката. Преку Кипар доаѓаме до уште една компанија како ‘Altaria Research Limited‘, чиј краен сопственик е ‘Руднап груп‘, холдинг во сопственост на Војин Лазаревиќ, енергетски магнат и српски бизнисмен. Ова е клучната компанија. А, поврзана со ‘Руднап груп‘ во владата на Мицкоски е Сања Божиновска, министерката со енергетика, каде што била извршен директор и била одговорна за активности во Србија, Македонија, Бугарија и други земји во регионот“,
вели Фрчкоски.
Станува збор за фирма, како што додава, која управува со компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија.
Божиновска, како што вели Фрчкоски, се поврзува и со „Руднап“ ДООЕЛ од Скопје, каде што била управител.
„‘Руднап‘ е линкот и со СНС во Србија и со ВМРО во Македонија. Оттука почнува одмотувањето на ова енергетско клопче на фирми и релации. Ова е клучен дел од енергетската бизнис-мрежа на Мицкоски. Дали сега е појасно зошто се создаде ново министерство и зошто Мицкоски ја постави токму Божиновска на негово чело“,
прашува тој.
Според него, актуелно е и назначувањето на пензионер, пријател на таткото на Мицкоски во РЕК „Битола“, кој бил советник на Божиновска.
„Сè што треба да знаат граѓаните е дека кога РЕК ‘Битола’ не работи, се увезува скапа струја. А кога се увезува скапа струја, некој профитира. Сè е бизнис за Мицкоски, а омилен му е бизнисот во енергетиката и бизнисот со струја“,
рече Фрчкоски.
