„Граѓаните знаат дека европската перспектива на државата е реална и достижна, но Мицкоски ја турка Македонија во изолација. Само лаже дека сака членство во ЕУ, но тој не сака во Европа, туку сака изолација за да продолжат криминалните тендери“, вели портпаролката на опозициската СДСМ
Лага. Вака според опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) можат да се опишат политиките на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Како што на денешната прес-конференција од партиското седиште на „Бихаќка“ соопшти портпаролката Богданка Кузеска, Мицкоски излажал дека ќе го менува името, дека ќе го поништи Преспанскиот договор, дека никогаш нема да изговори „северна“, а сега лаже и дека сака членство во Европската Унија.

„Како што лажеше за името, сега лаже и за ЕУ. Неговата измислена приказна за влез во ЕУ без право на глас пропадна. Граѓаните знаат дека европската перспектива на државата е реална и достижна, но Мицкоски ја турка Македонија во изолација. Само лаже дека сака членство во ЕУ, но тој не сака во Европа, туку сака изолација за да продолжат криминалните тендери. Сè кај Мицкоски е лага“,
вели Кузеска.
Посочи дека еврокомесарката за проширување Марта Кос предупредила за токсичните влијанија на Русија во земјава и дека испратила јасна порака во името на ЕУ дека нема место за тројански коњи.
„За жал, Македонија денеска има токму таков пример со ВМРО, со нивниот вицепремиер кој има средби со ‘Ноќните волци‘ на Путин, со врските со Москва, со нивната сестринска партија СНС и со кинеските пари. Европа не прифаќа тројански коњи во своите редови“,
кажа таа.
Во насока на тоа дека зборовите на Мицкоски не значат ништо, таа посочи неколку примери во кои вели дека јасно се гледа оти тој не ги исполнува ветувањата.
„Јавно кажа дека доколку се открие поврзаност меѓу ВМРО и Агенцијата за обезбедување од дискотеката ‘Пулс‘, ќе си даде оставка. И за тоа излажа. Велеше и дека како советник на Никола Груевски работел про боно. Уште една лага. Рече дека трајно ќе се повлече од политиката ако се појават мигранти, односно економски работници. Излажа“,
рече портпаролката.
На крајот, како што вели Кузеска, премиерот излажал и за ветувањата за поголеми плати и подобар живот за граѓаните.
