Партијата е децидна дека системот за видеонадзор мора да ги известува и санкционира граѓаните и на албански јазик. Според нив, ова не е политичка волја, туку уставна обврска и почитување на едно темелно право

Коалицијата ВЛЕН, која е дел од владиното мнозинство, упати критики до актуелниот состав на Уставниот суд, споредувајќи го со „југословенска политичка елита“.
Реакцијата на ВЛЕН доаѓа откако претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, изнесе сопствени ставови на вчерашната седница на која се расправаше и одлучуваше по иницијативите против одредби од Законот за прекршоци поврзани со системот „Безбеден град“. Реакцијата е конкретно околу ставот на Костадиновски дека пораките што граѓаните ги добиваат за сторен прекршок треба да бидат на македонски, бидејќи тоа е службен јазик во државата и оти не се согласува со подносителите на иницијативите дека со тоа што во Законот не е наведен албанскиот јазик се ускратува правото на негова употреба.
Денеска од ВЛЕН велат дека иако како легалисти се стремат да не ги коментираат одлуките на Судот за да избегнат политички притисок, сепак сметаат дека неговото постапување отстапува од имиџот на највисока судска инстанца.
ВЛЕН нагласува дека употребата на албанскиот јазик е основно човеково право и една од темелните вредности на Уставот.
„Државните институции имаат обврска да го обезбедат исполнувањето на правото на секој граѓанин на државата на неговиот мајчин јазик да биде известуван, вклучително и за обврските кои си ги наметнал заради своето поведение“,
велат од ВЛЕН во соопштението испратено денеска.
Партијата е децидна дека системот за видеонадзор мора да ги известува и санкционира граѓаните и на албански јазик. Според нив, ова не е политичка волја, туку уставна обврска и почитување на едно темелно право.
Токму затоа, се додава во соопштението, ВЛЕН ќе го брани овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема
ВЛЕН ги обвинува претходните политички елити за „неодговорност и манипулации“, тврдејќи дека оставиле еродиран систем и лажно се фалеле дека ги затвориле прашањата за Албанците додека се богателе.
„ВЛЕН ќе го брани овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема“,
се вели во соопштението.
Вчера и опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) реагираше на ставовите на Костадиновски и побараа неговата оставка.
Оценувајќи ги како скандалозни и неприфатливи, од ДУИ велат дека изјавите на Костадиновски, како и серија одлуки на Уставниот суд во последните две години, покажуваат дека оваа институција е претворена во политичка алатка за поткопување на секое достигнување што произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Според партијата, претседателот на Уставниот суд со оваа постапка не само што ги надминал своите надлежности, туку брутално интервенирал во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата. Оттаму, во тој контекст, додаваат и дека судиите Албанци и судијата Турчин во Уставен повторно биле надгласани, што потсетува на практики од 1990-тите години.
