Во авионот 109 патници биле македонски државјани, а другите биле од повеќе други земји

Авион со 151 патник од Катар, Кувајт, Кралството Саудиска Арабија и Кралството Бахреин доцна синоќа слетал на Меѓународниот аеродром во Приштина, информира министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во авионот 109 патници биле македонски државјани, а другите биле од повеќе други земји.
Муцунски вели дека со пристигнувањето и на овој трет организиран лет успешно се евакуирани македонски државјани од Блискиот Исток.
Евакуацијата, додава министерот, била реализирана врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции. Патниците претходно со организиран превоз биле транспортирани до Ријад, од каде што со специјален лет безбедно го напуштиле регионот.
„Безбедноста на македонските граѓани останува наш највисок приоритет. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму останува на располагање на сите наши државјани кои имаат потреба од поддршка во погодените региони“,
напиша Муцунски на својот фејсбук-профил.
Претходно, во вторникот вечерта втората група македонски граѓани евакуирани од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) со лет од Дубаи пристигна на скопскиот аеродром. Во авионот имаше вкупно 150 патници, од кои 125 беа македонски државјани, седум државјани на Србија, 11 на Косово, по двајца на Босна и Херцеговина и Албанија, а по еден на Германија, Ерменија и Црна Гора.
