Станува збор за предмет во кој Основниот суд Битола на 16 јануари годинава донел одлука за укинување на притворот на сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски, во замена за гаранција од 4,9 милиони евра. Тричлената работна група на Судскиот совет констатирала дека имало намерно исклучување судии, рачно делење предмети и селективно толкување на законот

Работна група на Судскиот совет утврдила сериозни индиции за манипулации при составувањето на судските совети во Основниот суд Битола. Извештајот на работната група, презентиран од членот на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, укажува на тоа дека во предметот КС 91/25, процедурите биле заобиколувани за да се постигне „посакуван состав“ на судии кои подоцна пуштиле обвинет од притвор.
Во работната група на Судскиот совет биле и членовите Павлина Црвенковска и Данка Ристова.
Станува збор за предмет во кој Основниот суд Битола на 16 јануари годинава донел одлука за укинување на притворот на сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски, во замена за гаранција од 4,9 милиони евра.
Марковски е еден од осумтемина обвинети за злоупотреби на тендерот за дислокација на погонските единици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК „Битола“, вреден 1,7 милиони евра. „Марковски компани“ со години, за време на владите на СДСМ и на претходните на ВМРО-ДПМНЕ, беше ангажирана од Електрани за копање и транспорт на јаглен за потребите на РЕК „Битола“, за што добиваше милионски договори за јавни набавки.
Со гаранцијата, мерката притвор на Марковски му е замената со мерки на претпазливост, односно одземен му е пасошот и има обврска еднаш неделно да се јавува во битолскиот суд.
Намерно исклучување на судии и рачно делење предмети
Според наодите на работната група, постои оправдан сомнеж дека свесно се чекало претседателката на судот да се врати од приватна посета за да застане на чело на советот. Исто така, намерно биле отстранети дел од судиите за да може да се постигне посакуван состав на кривичниот совет.
„А пропо наводите кои ги испитувавме, констатирано е дека е составен кривичен совет во кој постапувале тројца судии, од кои еден судија е согласно годишниот распоред граѓански судија, а другите две се во овој оддел, а едната е претседател на Основниот суд Битола“,
рече членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, во образложението на извештајот.
Работната група утврдила дека предметот е даден во работа рачно на судијата која постапува како претседател на советот, бидејќи по годишниот распоред бил распореден на една судијка која во моментот имала основа за изземање. Судијката, рече Јошевска-Анастасовска, била изземена поради сродство со еден од бранителите, па неа по годишен распоред требало да ја заменува претседателката на судот.
„Бидејќи претседателката на судот била отсутна, ја заменува оваа конкретна судијка, по што подоцна, кога се враќа претседателката, сепак станува дел од советот. Судијата која била известител и претседател на кривичниот совет го составила советот 23 дена откако предметот ѝ бил даден во работа, иако станувало збор за предметот кој е итен со оглед на тоа што се бара укинување на мерката притвор“,
рече Јошевска-Анастасовска.
Селективно толкување на законот
Работната група констатирала и дека една од судијките, која по годишниот распоред за 2026 година е распоредена исто како и за 2025 да постапува во кривичен совет, не е земена предвид. Образложението, рече Јошевска-Анастасовска, е дека при проучување на списите се утврдило дека таа веќе постапувала како судија на претходна постапка во истиот предмет и согласно одредбите од Законот за кривична постапка не може да постапува во кривичен совет.

Она што за работната група било интересно е дека таа, сепак, постапувала во овој ист предмет за друго барање само неколку дена претходно.
„Чудно е како можела да постапува на 12 јануари, а на 16 јануари не можела да постапува. Исто така, е чудно како е констатирано дека таа постапувала како судија на претходна постапка кога видно од списите кои биле припоени, тој предмет не е припоен“,
рече Јошевска-Анастасовска.
Во образложението на извештајот Јошевска-Анастасовска рече и дека судија кој требало да биде дел од советот бил исклучен од системот за автоматска распределба на предмети под изговор дека побарал годишен одмор. Сепак, работната група утврдила дека тој бил исклучен од системот на 5 јануари, иако на работа бил и на 8 и 9 јануари.
Судијата известител самостојно прибирала докази и известувања од други органи
Комисијата констатирала и „невообичаено“ однесување на судијата известител, која наместо само да одлучува по жалбата, самостојно прибирала докази и известувања од други органи – дејствие кое не е вообичаена практика на кривичните совети. Дури и на самиот ден на одлучување, советот записнички констатирал дека „ќе ја чека одбраната да ги достави документите“, што, како што рече Јошевска-Анастасовска, исто така сметаат дека како постапување на кривичен совет е малку невообичаено.
„Несомнено се наметнува заклучокот дека во конкретниот предмет, во делот што се однесува до состав на кривичниот совет, кој не само што одлучувал туку и претседателот којшто постапувал малку невообичаено, постои оправдан простор за загриженост – дека одредени дејствија на судии во Основен суд Битола можеби се извршени на начин што би укажал на нестручно и несовесно постапување“,
додаде таа.
Дали една положена гаранција може да се состои од 100 авионски билети?
Во Судскиот совет се разви дебата околу содржината на прифатената гаранција за укинување на притворот, а членот Ивица Николовски упати забелешка до работната група.
„Дали една положена гаранција може да се состои од 100 авионски билети? Тоа е гаранцијата која е прифатена! Апсолутно не можам да се согласам дека не сме надлежни да ја видиме содржината на гаранцијата“,
истакна Николовски.

Николовски продолжи со прашања до работната група и побара одговори на тоа што ако таа гаранција спомената на тој износ е спротивна од она што законот го наведува?
„Ако ние не сме надлежни, поставувам прашање кој е надлежен? Еве би сакал и со тоа да ме удостоите. Како може комисијата да не е надлежна да види што е прифатено како гаранција“,
рече Николовски.
Од работната група одговорија оти не е дека тие не ја испитувале гаранцијата, односно дали решението со кое е определена гаранција е спротивно на законот или не. Како комисија, рече Јошевска-Анастасовска, сметаат дека треба да ги имаат предвид сите факти по однос на донесувањето на тоа решение.
„И доколку утврдиме дека има драстично отстапување или прекршување на законски норми или флагрантно кршење на дотогашна судска практика, треба тоа да го наведеме во извештајот. Ние испитувавме дали ова е практика на судовите или овој конкретен совет отстапил само за овој случај“,
додаде таа.
Од комисијата одговорија дека не навлегувале во суштината на одлуката бидејќи прашањето за прифаќање подвижни предмети како гаранција веќе е пратено до Врховниот суд за заземање начелен став.
„Ние како работна група кога анализиравме, гледавме дали овој предмет на некаков начин по однос на одлуката за гаранција отстапува од практиката или го крши на некаков начин законот“,
рече Јошевска-Анастасовска.
За потсетување, на 2 јануари годинава Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице, меѓу кои и бизнисменот Борче Марковски, поради злоупотреби на јавни набавки во РЕК „Битола“.
Меѓу обвинетите се петмина службени лица – директори и раководители во подружници во РЕК „Битола“, кои во текот на 2023 година, заедно со тогашниот директор на комбинатот, извршиле злоупотреба на службената положба и овластување.
Поврзани вести:
- Сопственикот на „Марковски компани“ пуштен од притвор со гаранција од 4,9 милиони евра
- Судот ја разгледа жалбата на ОЈО Битола: Марковски оди во затворски притвор
- Камиони, пари, станови и земјиште – замрзнат e имот на бизнисменот Марковски осомничен за злоупотреби во РЕК „Битола“
- Што „крие“ сефот на бизнисменот Марковски, осомничен за злоупотреби во РЕК „Битола“ ?
