„При надзорот констатирани се рекламирање со 0 отсто камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци. Исто така, констатирани се неправилности коишто се однесуваат на рекламирање на финансиски услуги под брендови без да се наведе финансиското друштво коешто ја нуди конкретната услуга“, соопшти МФ

При реализиран надзор над работењето на финансиските друштва констатирани се одредени измамнички трговски практики коишто се однесуваат, меѓу другото, на рекламирањето на финансиските услуги и други дејствија од финансиските друштва, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите, информира денеска Министерството за финансии (МФ).
„При надзорот констатирани се рекламирање со 0 отсто камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци. Исто така, констатирани се неправилности коишто се однесуваат на рекламирање на финансиски услуги под брендови без да се наведе финансиското друштво коешто ја нуди конкретната услуга, потоа користење повеќе веб-страници од страна на исто финансиско друштво, како и користење назив на друштвото во деловните простории различен од називот утврден во дозволата за работа на финансиското друштво“,
соопшти МФ.
На сите финансиски друштва кај кои утврди неправилности, Министерството за финансии им наложи да ги отстранат сите реклами и натписи во деловните простории што би можеле да ги доведат граѓаните во заблуда. Во спротивно, како што велат, Министерството за финансии ќе ги преземе расположливите мерки во насока на заштита на граѓаните како корисници на финансиските услуги.
„Во насока на усогласување со законските одредби, финансиските друштва се должни да го користат исклучиво називот согласно дозволата за работа издадена од Министерството за финансии, како и користење една веб-страница, која јасно укажува за кое финансиско друштво станува збор. Согласно Законот за заштита на потрошувачите, одредена трговска практика се смета како измамничка доколку во содржината изостануваат битни информации што на потрошувачот му се потребни за да донесе правилна одлука“,
прецизираат од Министерството за финансии.
