Портпаролката на СДСМ ја обвини владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски дека не ги ограничува цените на горивата и покрај тоа што цената на нафтата на светските берзи е во пад, а земјите од регионот веќе воведоа мерки за нивно ограничување
Кога ВМРО беше опозиција – бараа и ветуваа намалување на акцизите за горивата. Ја добија довербата од граѓаните и ги излажаа. Денеска кога се власт, кога можат да ја намалат акцизата, да ги намалат цените – одбиваат.
Ова на денешната прес-конференција го изнесе портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвинувајќи ја владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски дека не ги ограничува цените на горивата и покрај тоа што цената на нафтата на светските берзи е во пад, а земјите од регионот веќе воведоа мерки за нивно ограничување.

„Очигледно Мицкоски намерно профитира на грбот на народот. Мицкоски вели најевтино гориво имало во Македонија. А што е со платите? Па проблем е што платите се најниски во Европа и куповната моќ на македонските граѓани е на дното. Тоа е проблемот, нискиот стандард и ниските плати“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Таа ја обвини власта и дека одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра.
Иако признаваат дека СДСМ ја покачи минималната плата, за ВМРО тоа не било доволно, продуктивноста била проблем. Сега се власт, владата на Мицкоски одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра. Излегува Мицкоски и вели хистерија е барањето за поголема плата. Со часовници од 60 000 евра, вредни колку 150 минимални плати, Мицкоски ги прави хистерични работниците затоа што бараат 600 евра плата“,
додава портпаролката на СДСМ.
