Љубиша Савески е меѓу најреномираните модни дизајнери во земјава. Од дете е со оштетен слух, но волјата била посилна од попреченоста, па успеал да завршил студии за мода и дизајн, а потоа и да магистрира висока мода во Романија. Уште како студент негови модели се нашле на модни ревии во Романија, Италија и во Франција, но патот до успехот не бил лесен.

„За време на моите студии во Романија беше многу тешка ситуацијата со моето сместување, со плаќање кирија. Оваа информација ја слушна еден од тамошните професори ментори. Тој ми го понуди неговиот професорски кабинет во кој ми обезбеди компјутер, кревет, фрижидер и шпорет. Јас две години престојував во неговата работна соба и, замислете, во исто време бев и на факултет и практично бев сместен во неговиот кабинет“,
вели Савески.
По студиите се вратил во Македонија и отворил своја фирма која 11 години соработува со едно реномирано домашно модно студио. Неговото име и лик како моден дизајнер завршуваат на насловните страници на многу домашни и светски списанија. Неговите модели се носат на престижни модни настани. Развивајќи се, не ни помислувал дека е можно да дојде момент кога повеќе ќе нема каде да ја покаже креативноста.

„Кога ја чув информацијата дека фирмата во која работев се затвора поради корона-ситуацијата, се чувствував депресивно и потиштено, затоа што првпат ми се случи да останам апсолутно без работа и прашањето – како понатаму, што ќе правам со себеси, како ќе опстојувам, како ќе обезбедам средства за живот за мојата фамилија, бидејќи имам две деца кои одат во училиште и постојат реални трошоци за нив“,
вели Савески.
Смета дека државата треба системски да ги заштити луѓето како него.
„Јас предлагам за потребите на глувите, слепите и на сите луѓе кои имаат свој приватен бизнис да се отвори еден центар или, како што науката би го рекла „бизнис-инкубатор“ и таму сите информации, толкувања, сметководители и сѐ што е потребно да стигне до нас – ќе го добиваме. Така е во светот“,
додава Савески.
Савески е активист на Движењето против хендикеп „Полио плус“. Во оваа невладина организација велат дека државата не ги следи начелата на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, кои предвидуваат серија обврски во вакви вонредни околности.


„Почнувајќи од мерките за превенција, начинот на којшто се презентираа, ограничувањето на движењето, дел од економските мерки, целосно запоставување на здравствениот систем, необезбедувањето на соодветни мерки со коишто ќе им се овозможи на граѓаните со хендикеп да имаат пристап до информации за да можат да донесат и соодветен суд и, секако, најважното, неводењето евиденција и статистика и активно вклучување на лица коишто ја познаваат проблематиката, а би им помогнале на државата да креира соодветни, правилни, целисходни мерки коишто ќе го опфатат интересот на заедницата со хендикеп“,
вели Елена Кочоска од Движењето против хендикеп „Полио плус“.
ЗА ЛУЃЕТО СО ПОПРЕЧЕНОСТ ПРЕДИЗВИК Е И БЛИСКОСТА СО ЛИЧНИТЕ АСИСТЕНТИ
Дваесет и петгодишната Марија Ѓуревска е личен асистент на лице со попреченост од Куманово. Оваа професија ја работи втора година. Пет дена во неделата по околу четири часа е во домот на семејството Стоилковски кое има студентка со исто име – Марија, која е со оштетен вид.

„Марија – не можам да кажам дека од почетокот имавме некаков проблем. Мислев дека нема да ме прифати на почетокот. Но, сепак, таа се покажа како многу добра личност, хумана. Исто така, таа веднаш прифати да работи со мене, иако не ме знаеше – се запознавме“,
вели Ѓуревска.

Оттогаш двете Марии се заедно, а односот веќе им е пријателски. Но, со почетокот на корона-кризата, велат, животот им се изменил. Студентката Марија предавањата ги следи онлајн, од дома, а ја почитува и препораката да не излегува без потреба.
„Сега, овој период кога почна корона-кризата, ние сме затворени внатре, работиме само во домашни услови, излегуваме само по потреба, до маркет, чисто воздух да нѐ фати малку“,
додава Ѓуревска

„Одевме на тренинг, имавме и ден за одење на кафе. Сега работиме во домашни услови, но излегуваме само по потреба, на пример, за фотокопирање некоја книга, до маркет итн.“,
вели Марија Стоилковска, корисник на услуги од личен асистент.
Односот меѓу асистентот и корисникот е прилично близок, па заштитата е посебен предизвик. Кога доаѓа, Марија користи заштитна маска и средства за дезинфекција.
„Колку можеме, се заштитуваме. Сепак, не можеме да одржуваме некоја далечина од два метра бидејќи ние не можеме да функционираме така. Исто така, ние се консултиравме со Министерството за труд и социјална политика и ни рекоа дека можеме да работиме во овие услови и е препорачливо бидејќи сега сме им најпотребни на лицата и само да се заштитуваме со маска и ракавици“,
вели Ѓуревска.
Марија, студентката, е задоволна што сега повторно е со својата асистентка откако по патување во Германија морала да биде во двонеделен карантин.
– Зошто бевте во Германија?

„За да земам наочари. Функцијата им е да ги препознаваат луѓето, да препознаваат што има пред тебе, дали е кола, луѓе…“
вели студентката Марија.
Последни подготовки пред да започне предавањето. Асистентката ја наоѓа потребната литература. Вклучува и втор телефон за тонски да ја снимаат лекцијата.
НВО „ИНКЛУЗИВА“: ВО КРИЗНИ МОМЕНТИ ЗАБОРАВАМЕ НА ЛУЃЕТО СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Личната асистентка од нашиот пример е ангажирана преку невладината организација „Инклузива“, која работи на подобрување на позицијата на лицата со попреченост во општеството.

„Оваа категорија некако како да е изоставена. Кога ќе дојде момент на криза, сите размислуваме за нас ‘здравите луѓе’, а лицата со попреченост се заборавени. Сите мерки се општи, за сите граѓани. Никаде нема мерка каде што ќе се даде поддршка на лица со попреченост“,
вели Благица Димитровска од НВО „Инклузива“.
Димитровска вели дека трошоците за лекување и терапија, како и другите секојдневни трошоци кај луѓето со попреченост се поголеми за разлика од другите. Затоа смета дека е потребен дополнителен пакет мерки покрај додатоците од државата кои тековно ги примаат.
„Тие редовно примаат лекарства, за што плаќаат партиципација. Некои од нив не можат сами да зготват храна и им треба достава на готова храна, но тоа чини, треба да се плати. Значи, сите тие додатоци што ги примаат се многу мали за да ги покријат трошоците. Еве, во овој момент, би упатила и апел да се предвидат мерки за финансиска поддршка на лицата со попреченост затоа што еве досега некако издржаа со некои социјални пакети од локалната власт што ги добија, но тоа не е решение. Свесни сме сите дека оваа состојба ќе продолжи, дека треба и понатаму да им се пружа поддршка на сите граѓани, но пакет мерки за лица со попреченост е неопходен“,
вели Димитровска.
„КОРОНА-МЕРКИ“ – ТОА ШТО ВАЖИ ЗА СИТЕ ВАЖИ И ЗА ГРАЃАНИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека има корона-мерки кои се однесуваат на луѓето со попреченост.

Комисиите издаваат конзилијарно мислење за барања за надоместок за попреченост и за нега од друго лице без да се оди на преглед. Се разгледува само документацијата и тоа преку системот „Мој термин“.
По службена должност им се продолжува правото на овие надоместоци на сите корисници кои веќе го оствариле ова право.
Задолжени се сите државни институции, укажано им е на општините и му се препорача на приватниот сектор – вработените лица со попреченост кои на работа одат со придружба да бидат ослободени од работни обврски.
Овие категории граѓани добиваат и пакети со средства за лична хигиена и со храна. Дополнителната заменик-министерка за труд и социјала Санела Шкриељ вели дека овие уредби се однесуваат на олеснувања за користење на веќе постоечките права на граѓаните со попреченост. Посочува и дека мерките што важат за сите граѓани, важат и за оние со попреченост.
– Во делот на економските мерки – сметате дека треба да се донесат поинакви, кои ќе важат за лицата со попреченост, кои ќе бидат скроени по нивен терк и за нивната егзистенција?

„Она што за нас беше битно и го укажавме на тимот којшто работи на прецизирање на третиот сет економски мерки е токму ова што го спомнав дека приходите кои се остваруваат врз основа на правата од попреченост не треба да бидат засметувани како приход за да можат и овие лица да ги користат мерките. Инаку, секако дека сметам дека треба да се продолжи и понатаму со креирање мерки коишто ги таргетираат лицата со попреченост“,
вели Шкриељ.
На луѓето со попреченост кои поради корона-кризата останале без работа, Шкриељ им советува да се обратат во Агенцијата за вработување.
„Во тој дел лицата би ги упатила, покрај тоа што ги примаат тие надоместоци за попреченост, зависно од стажот и начинот на кој останале без работа, исто така да се обратат во Агенцијата за вработување за користење на правото на паричен надомест во случај на невработеност или дополнително да се обратат во Центрите за социјална работа за користење на правото на гарантиран минимален приход“,
додава Шкриељ.
КРЕАТИВНОСТА НА САВЕСКИ ЧЕКА ПОДОБРИ ВРЕМИЊА

Модниот дизајнер Љубиша Савески нема многу надеж дека состојбата во неговиот сектор набрзо ќе се подобри. Но, не запира да сонува.
„Имам многу идеи. Напливот и инспирацијата што протекува низ мене е неверојатно голема, но остануваат сите тие идеи да спијат во мене“,
вели Савески.
Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.

Поврзани стории: