Со денешната одлука на извршната власта и според она што е познато во јавноста, досега вкупниот број фирми на кои им се одземени лиценците за производство на канабис за медицински цели изнесува 12 правни лица
Владата на денешната седница донела одлука за одземање на лиценците на уште шест фирми за производство на канабис во земјава. Ова попладнево го соопшти владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.

Таа не кажа за кои фирми станува збор, и за деталите ги упати медиумите да се обратат до Министерството за здравство, кое формира Комисија што врши проверки во повеќе фирми што се занимаваат со оваа дејност и проверува дали ги исполнуваат условите пропишани со закон.
Митева само наведе дека лиценците се одземени поради утврдени законски пропусти кај фирмите при контролите што ги спровела Комисијата на Министерството за здравство.
„Да, денеска имаше шест точки од Министерството за здравство и Владата денеска одзеде шест лиценци. За детали за тоа кои се фирмите, да се обратите до Министерството за здравство, каде што е и онаа Комисија. Од она што можев да го видам од информацијата која што помина на Влада, станува збор за утврдени законски пропусти при извршена, би кажала проверка, од страна на Комисијата, којашто е надлежна да ги провери сите услови што треба да ги исполнуваат“,
рече Митева во одговорот на прашањето.
Од она што досега е официјално познато и за што информира министерот за здравство Азир Алиу, досега се одземени лиценците на шест фирми, кои воедно беа и првите за кои Владата донесе ваква одлука.
Имено, Алиу на 24 февруари информира дека се одземени лиценците на фирмите „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, кај кои биле констатирани неправилности од различни аспекти – административни, инфраструктурни, технолошки, како и недостаток на човечки ресурси.
Минатата недела, поточно на во петокот (6 март), Алиу соопшти дека на уште три фирми со сигурност ќе им бидат одземени лиценците, а оти за уште една сè уште траат анализите.
„Досега 23 компании се процесирани, а за три е сигурно дека ќе им бидат одземени лиценците. Четвртата се анализира“,
рече Алиу во петокот, одговарајќи на новинарско прашање до каде се анализите и инспекциите во ваквите компании.
Дали овие три фирми, како и четвртата, се меѓу оние за кои Владата денеска однела одлука да им бидат одземени лиценците, ќе треба да се почека на официјално известување од Министерството за здравство.
Сепак, со денешната одлука на извршната власт и според она што е познато во јавноста, досега вкупниот број фирми на кои им се одземени лиценците за производство на канабис за медицински цели изнесува 12 правни лица.
За потсетување, Министерството за здравство ја формира комисијата по заплените на 40 тони марихуана во земјава од повеќе фирми што, пак, дојде по откривањето пет тони марихуана во Србија за кои тамошните власти излегоа со сознанија дека потекнуваат од Македонија.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против шест лица кои се осомничени за вмешаност или поврзаност со шверцот на марихуана од Македонија во Србија.
Фирмата „Алфафарм“, која беше во првите шест на кои им беа одземени лиценците, се споменува во истрагата на српското обвинителство за организиран криминал за откриените пет тони марихуана во околината на Крушевац, за што е осомничен и еден од нејзините четворица косопственици.
Инаку, како што најави министерот за здравство Алиу, со засилените вонредни контроли ќе бидат опфатени вкупно 43 правни субјекти.
