На Владата е да избере еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење и ѝ ги достави за да одлучи кого ќе предложи како кандидат за државен јавен обвинител пред пратениците во парламентот
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на денешната владина седница ќе се утврди името на кандидатот за иден државен јавен обвинител или обвинителка, кое потоа ќе биде доставено до парламентот.

„За кратко од сега ќе имаме владина седница на која ќе се дознае името на идниот јавен обвинител или обвинителка и ќе биде доставено до парламентот“,
изјави Мицкоски одговарајќи новинарски прашања на денешната прес-конференција.
На Владата е да избере еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење и ѝ ги достави за да одлучи кого ќе предложи како кандидат за државен јавен обвинител пред пратениците во парламентот. Советот им даде позитивна оценка на обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ, како и за судијата Ненад Савески.
Иако формално е во трка за нов државен јавен обвинител, во интервју за Канал 5 пред три недели, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за шеф на републичкото обвинителство.
„Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра“,
изјави Мицкоски во интервју за Канал 5 емитувано на 19 февруари.
