Забраната ќе трае до 19 март, а потоа од српската влада велат дека ќе бидат донесени дополнителни одлуки

Со цел да го заштити домашниот пазар од недостиг и зголемување на цените, Владата на Република Србија на вонредна седница одржана денеска одлучи да го забрани извозот на нафта и сите нафтени деривати за моторни возила, пишуваат српските медиуми.
„Забраната се однесува на извозот на дизел, бензин и сурова нафта со сите видови транспорт до 19 март, по што ќе донесеме дополнителни одлуки. Суштината на оваа забрана е да се заштити домашниот пазар од недостиг и зголемување на цените, поради глобалните нарушувања на светскиот пазар“,
вели министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ.
Министерката, исто така, потсетува дека Србија е земја каде што граѓаните плаќаат поевтини цени за нафтени деривати од реалната цена на берзата и дека државата прави сè за да ги заштити граѓаните и економијата.
Глобалните цени на нафтата денеска достигнаа речиси 120 долари поради страв од продолжено прекинување на снабдувањето со енергија преку клучната бродска рута низ Ормускиот Теснец.
Денеска во Азија, цената на суровата нафта „брент“ скокна за повеќе од 25 отсто, достигнувајќи во еден момент 119,50 долари за барел, пред да падне на околу 109 долари.
