Според сознанијата на истрагата, парите потоа се пренесуваат и се предаваат кај засега непознато лице во Бугарија. Од Обвинителството велат дека она што ги поврзува случаите се и телефонски броеви од Романија кои биле употребени за контакт со оштетените

Основното јавно обвинителство Битола, во соработка со СВР Битола, разоткри разработена криминална мрежа која во изминатите три месеци измамила повеќе од десет граѓани, изнудувајќи им над 60 000 евра и други вредни предмети преку лажни сценарија за сообраќајни несреќи.
Бројот на овие настани се зголемиле од почетокот на февруари, кога се евидентирани дури шест случаи.
Начинот на извршување на криминалот, како што велат од Обвинителството, во сите предмети е сличен и оштетени се обично повозрасни лица. Тие добивале телефонски повик дека нивен близок е тешко повреден во сообраќајка и оти итно се потребни пари за операција.
„Втората верзија на лажни факти која измамниците им ја претставуваат на дел од оштетените е дека нивен близок предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека парите се потребни за да се избегне затворска казна“,
се вели во соопштението од Обвинителството во кое се дава опис на активностите.
Оштетените, доведени во заблуда и исплашени за своите блиски, се согласувале лично на рака да исплатат различни суми пари кои се движеле од неколку десетици илјади денари до над 20 000 евра, златен накит и вредни предмети.
Парите ги предавале на различни локации во Битола, на лица кои претходно, преку оглас на Фејсбук, биле ангажирани за работа.
До овој момент, како што се додава во соопштението, Основното јавно обвинителство Битола има поднесено обвинение против четири вакви лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани.
Според сознанијата на истрагата, парите потоа се пренесуваат и се предаваат кај засега непознато лице во Бугарија. Од Обвинителството велат дека она што ги поврзува случаите се и телефонски броеви од Романија кои биле употребени за контакт со оштетените.
Од ОЈО Битола велат дека веќе упатиле и барање за меѓународна правна помош до органите на овие држави со цел преземање дејствија за откривање на сторителите.
Во меѓувреме, истражните органи апелираат граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не се согласуваат на исплата на парични средства „на рака“ на лица кои воопшто не ги познаваат.
