„Нема да дозволиме никој да се меша во нашите внатрешни работи. Ова е прашање само за иранскиот народ и никој друг.“ Вака министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп кој изјави дека тој мора да биде вклучен во изборот на наследник на врховниот лидер на Иран
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денес изјави дека на иранскиот народ е да го избере својот лидер и на никој друг.

Тој во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-би-си реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека тој мора да биде вклучен во изборот на наследник на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во саботата, на 28 февруари, на почетокот на американско-израелските напади врз Иран.
„Нема да дозволиме никој да се меша во нашите внатрешни работи. Ова е прашање само на иранскиот народ и на никој друг. Очигледно е дека нашите ракети не можат да стигнат до американска почва. Она што можеме да го направиме е да нападнеме американски бази и инсталации околу нас“,
рече шефот на иранската дипломатија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, денеска изјави дека новиот ирански лидер мора да добие одобрение од Соединетите Американски Држави (САД) или нема да трае долго.

„Тој ќе мора да добие наше одобрение. Ако не добие наше одобрение, нема да трае долго. Сакаме да бидеме сигурни дека нема да мора да се враќаме на ова на секои десет години, кога нема да има претседател како мене кој е подготвен да се справи со тоа. Не сакам луѓето за пет години да мораат да се враќаат и повторно да го прават истото или, уште полошо, да им дозволат да добијат нуклеарно оружје“,
рече Трамп во изјава за Еј-би-си њуз.
Иран претходно денеска соопшти дека е избран нов врховен лидер на местото на ајатолахот Али Хамнеи, но неговото име не беше официјално соопштено.
