„Иран веќе не е насилникот на Блиски Исток. Сега е губитникот на Блиски Исток. Така ќе биде многу децении, сè додека не се предадат или, поверојатно, целосно не се распаднат“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп

Фото: EPA/ABEDIN TAHERKENAREH
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран ќе биде силно погоден додавајќи дека земјата веќе е жестоко опустошена по американските и израелските напади. Трамп најави засилување на бомбардирањата на Иран, а мета ќе бидат нови групи и луѓе.
„Иран веќе не е насилникот на Блиски Исток. Сега е губитникот на Блиски Исток. Така ќе биде многу децении, сè додека не се предадат или, поверојатно, целосно не се распаднат. (…) Американската војска наскоро ќе ги засили нападите. Ќе го удриме Иран многу силно. Пентагон ќе го прошири својот опсег на цели на групи и луѓе кои досега не беа разгледувани за таргетирање“,
напиша Трамп на Трут соушл.
Во објавата на својата социјална мрежа Трут соушл, Трамп наведе дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно им се извинил на земјите од Персискиот Залив и на други држави за нападите извршени на нивна територија.
„Ова извинување беше дадено поради безмилосните американски и израелски напади“,
напиша Трамп, обвинувајќи го Иран дека се обидува да го преземе и контролира Блискиот Исток.
Американскиот претседател изјави и дека ирански високи претставници би можеле да станат цел на нови напади.
