Во пресрет на седницата, заменик-претседателката на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата и пратеничка Дафина Стојаноска потсети дека на 26 јануари се одржа јавна расправа за претставување на кандидатите кои ги исполнуваат условите за член на Судскиот совет што го избира Собранието
Арбер Исаку и Сејфула Османи се кандидатите што собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата ги предложи во процедурата за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието.

Во пресрет на седницата, заменик-претседателката на Комисијата и пратеничка Дафина Стојаноска потсети дека на 26 јануари се одржа јавна расправа за претставување на кандидатите кои ги исполнуваат условите за член на Судскиот совет што го избира Собранието.
„Покрај претседателот и членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на јавната расправа присуствуваа и поставуваа прашања до кандидатите и претставниците од здружението на судиите, адвокатската комора, граѓански организации кои работат во областа на правосудството, владеењето на правото и чoвековите права, претставници од медиумите и академската заедница. Со секој од кандидатите се водеше структуирана расправа и се водеше сметка за еднаков и фер однос кон сите кандидати“,
рече Стојаноска.
Инаку, Арбер Исаку е дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово. Во својата кариера работел во приватниот сектор, но и во државни институции, односно во Владата, Собранието и во Министерството за животна средина и просторно планирање, каде што вршел функцијата шеф на кабинет.
Сејфула Османи е доктор на науки со положен правосуден испит од Градец, Општина Врапчиште. Во својата кариера работел како судија во Основниот Суд во Гостивар, како адвокат и универзитетски професор.
