„Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот денеска ја сопре постапката“, велат од Уставен

Линеарното зголемување на пензиите останува во сила, информираат од Уставен суд.
Одлуката е донесена на денешната седница, на која предлогот за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година не добил мнозинство, со што актот останува во правниот поредок.
„Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот денеска ја сопре постапката“,
велат од Уставен.
Постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, беше поведена затоа што, според Судот, линеарното зголемување на пензиите што тој го предвидува може да ја наруши уставната еднаквост, правото на сопственост и начелото на социјална сигурност, бидејќи еднакво ги третира пензионерите со различни придонеси и создава непропорционални ефекти.
Од Уставниот суд на 24. седница, што се одржа на 19 ноември минатата година, рекоа дека со мнозинство гласови изразиле сомнеж за уставноста на членот 2 од Законот, но дека сè уште е во тек втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот. По ова, како што рекоа од Уставен, ќе следува конечна одлука.
Уставниот суд оваа информација ја сподели откако премиерот Христијан Мицкоски рече дека Судот веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите, што ќе донесе најголемиот број од пензионерите да добиваат помали пензии.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, од Судот рекоа дека ќе испитуваат дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
