„Претпоставувам таа посета ќе се реализира, во моментот не можам да кажам точно кога и како, но знам дека Турција има исклучително одличен амбасадор во Скопје, дипломат од висок ков, со кого имаме одлична соработка и тој придонесе за уште поблиските односи меѓу двете земји. Убеден сум дека до оваа прва средба ќе дојде многу бргу и ќе ја имаме таа можност, но и чест, претседателот Реџеп Таип Ердоган да го пречекаме во Скопје“, рече премиерот одговарајќи на прашање на пратеникот Сали Мурати на денешната собраниска седница
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека оваа пролет во посета на земјава треба да дојде претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на прашање на пратеникот од Движење на Турците на Македонија за правда и демократија, Сали Мурати, во рамките на денешната седница на која два часа беа посветени на пратенички прашања од опозицијата. Мурати, кој е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, му постави неколку прашања на премиерот, од кои едното се однесуваше на билатералните односи меѓу Македонија и Турција.
Премиерот, одговарајќи на прашањето, кажа дека во моментов не може да каже кога точно ќе се реализира посетата на Ердоган, но убеден е дека таа ќе се случи многу брзо бидејќи, како што рече, Турција има одличен амбасадор во Скопје, со кого Владата има одлична соработка.
„Во разговорите со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, дефиниравме оваа пролет да се одржи прв состанок, на кој тој ќе дојде во Скопје. Претпоставувам таа посета ќе се реализира, во моментот не можам да кажам точно кога и како, но знам дека Турција има исклучително одличен амбасадор во Скопје, дипломат од висок ков, со кого имаме одлична соработка и тој придонесе за уште поблиските односи меѓу двете земји. Убеден сум дека до оваа прва средба ќе дојде многу бргу и ќе ја имаме таа можност, но и чест, претседателот Реџеп Таип Ердоган да го пречекаме во Скопје“,
рече Мицкоски.
Во врска со односите со Анкара, премиерот посочи дека договорот со Турција за проширување на билатералната соработка, кој долго време не бил потпишан, го официјализирала актуелната влада и со него се интензивирала соработката меѓу двете земји, особено на полето на одбраната.
„Договорот не беше потпишан долго време, а се потпиша со доаѓањето на оваа влада и во рамките на договорот се интензивира соработката на полето на одбраната. Министерството за одбрана и Армијата со соодветните институции на владата на Турција соработуваат, непосредно вршиме набавка на одбранбени системи, истовремено обучуваме кадри и во таа смисла мислам дека со доаѓањето на оваа влада во голема мера се интензивира билатералната соработка меѓу двете држави“,
рече премиерот.
Тој наведе оти негов главен интерес е, како што кажа, малку да се коригира нивото на трговска размена меѓу двете држави бидејќи Турција има голем суфицит во размената со Македонија, односно многу повеќе извезува во Македонија отколку што земјава извезува во Турција.
Мицкоски, во таа смисла, рече оти е убеден дека македонските производи можат да бидат конкурентни на турскиот пазар, како и дека Турција како наш стратешки партнер ќе овозможи слободен пристап на македонските компании на тамошниот пазар.
„Убеден сум дека некои од постојните бариери што сега постојат многу бргу ќе бидат неутрализирани, односно избришани, и македонските производители, особено во делот на земјоделството, фармацијата и другите гранки, ќе може да најдат свое место на турскиот пазар и на тој начин овој дебаланс во размената, каде што Турција има голем суфицит, ќе биде нивелиран“,
наведе премиерот.

На собраниската седница претседателот на македонската влада, Мицкоски, потсети дека солидна соработка меѓу двете земји има и во рамките на туризмот, каде што голем број турски туристи доаѓаат во Македонија, а соработка се остварува и во рамките на високото образование бидејќи голем број студенти од Турција се присутни на универзитетите во нашата земја.
Одговарајќи на прашање од пратеникот Мурати во врска со застапеноста на етничките заедници во јавната администрација, премиерот Мицкоски кажа дека Законот за правична застапеност кој треба да го замени т.н. „балансер“, што го укина Уставниот суд, ги поминал филтрите на Венецијанската комисија и оти очекува наскоро да се најде на пленарна седница и да биде донесен.
Инаку, Мурати го праша премиерот кога ќе се исправи децениската неправда кон турската заедница, која иако сочинува четири отсто од граѓаните на Македонија, во јавната администрација е застапена со 2,1 отсто.
Во тој контекст, премиерот кажа дека турската заедница во државата ја има неговата апсолутна поддршка и оти ги охрабрува нејзините припадници да се пријавуваат на конкурсите за јавна администрација, на кои, согласно новиот закон за правична застапеност, први критериуми ќе бидат стручноста и компетенцијата.
„Се надевам и очекувам пратениците да дадат поддршка за овој закон, којшто според наше длабоко убедување е во согласност со сите меѓународни стандарди и очекуваме да нема проблеми со уставноста како што тоа се случуваше со некои минати законски решенија. Со овој закон прв критериум ќе биде стручноста и компетентноста. Ги охрабрувам граѓаните што се дел од турската заедница во нашата земја да аплицираат во рамки на јавната администрација. Ние како влада сме покажале дека немаме никаков проблем, напротив, образованието на мајчин турски јазик го поттикнуваме и поддржуваме, турската заедница во Македонија е дел од идентитетот на нашата заедничка македонска нација, турската заедница во Македонија е ценета заедница со чесни граѓани кои ја почитуваат својата татковина Македонија, но исто така имаат нераскинливи врски со Турција, и јас немам никаква дилема, напротив ја имаат мојата поддршка и ќе бидат дел од моите приоритети и мојата оптика“,
рече Мицкоски.

Мицкоски од собраниската говорница рече дека со новото законско решение ќе се избегнат проблемите и девијантното однесување што се случувало во јавната администрација во минатото.
„Во минатото сме биле сведоци на девијантно однесување, луѓе коишто фигурирале на платни списоци, а не оделе на работа, луѓе кои фигурирале на платни списоци, а долго време биле отселени од државата или, пак, имало и такви случаи на луѓе кои, за жал, биле починати, а сепак добивале плата од државата. Сигурен сум дека тоа е минато време и дека сите заедно ќе работиме за интересот на нашата заедничка татковина Македонија“,
кажа Мицкоски.
