За надминување на утврдените состојби, ревизорите дале препораки за преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите
Од ДЗР укажуваат дека за дел од наведените состојби, по промена на раководството, во текот на 2024 година се преземени активности за нивно надминување, а за дел постапуваат и други надлежни органи

„Исчезнат“ инвентар, исплата на плати на вработени кои не се појавувале на работа, точење гориво во приватни возила на државен трошок, се дел од наодите што ги утврдиле ревизорите во Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година.
Државниот завод за ревизија денеска ги објави извештаите за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за односи меѓу заедниците на сметката на основниот буџет за 2024 година и ревизија на усогласеност на тема „Јавни набавки во Министерство за односи меѓу заедниците во 2023 година кога институцијата се викаше Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Ревизорите изразиле неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија, утврдиле состојби кои укажуваат на слабости при начинот на евидентирање и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.
За надминување на утврдените состојби, ревизорите дале препораки за преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Исчезнати лаптопи и плата за вработени што не доаѓале на работа
При годишниот попис, ревизорите утврдиле дека дури 28 проценти од вкупните основни средства на Министерството, во вредност од околу 25 000 евра, едноставно не се пронајдени. Меѓу „исчезнатите“ предмети се и 30 преносни компјутери, за кои немало евиденција кому му се доделени на користење. Исто така, седум моторни возила воопшто не биле заведени во сметководствената евиденција, додека, пак, за побарувањата од вработените во износ од 34 000 евра кои потекнуваат од минати години (2012-2020 година), Министерството не располага со документација за неподмирениот износ, односно кое лице должи и во кој износ, се вели во соопштението од ДЗР.
Ревизорите констатирале дека има неправилности и кај исплатата на плати. Дури 61 процент од вработените, претежно од Програмата К5 и преведувачи, добивале плата без никаков доказ за присуство на работа. Иако Министерството поседува систем за електронска евиденција, тој не се користел за овие вработени. За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165 010 000 денари.

Гориво за возила кои не се на Министерството
Ревизијата открила и злоупотреби при трошењето нафтени деривати. На име трошоци за гориво се исплатени околу 516 000 денари без соодветна контрола. Утврдено е дека гориво се точело во возила кои не се во сопственост на Министерството, а на државна сметка се набавувал и течен нафтен гас плин, иако тој воопшто не бил предвиден во договорот за набавка.
Неправилности се забележани и во соработката со здруженија и фондации во 2023 година.
Како што се наведува во извештаите од ДЗР, исплатени биле 320 900 евра на 33 здруженија и фондации, но Програмата била донесена со задоцнување во октомври 2023 година. Тогаш бил објавен и јавниот повик за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите, а не во рок од 30 дена по донесување на Буџетот како што е уредено со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации.
Ревизијата утврдила дека 17 здруженија не доставиле докази за трошење на парите и сега треба да ги вратат средствата во износ од 19 850 евра.
„До денот на ревизијата 14 здруженија вратиле средства во износ од 361 илјада денари, со две здруженија се води постапка за медијација за враќање на средствата во износ 264 илјади денари, додека за едно здружение е поведена судска постапка за поврат на средства во износ од 600 илјади денари“,
се наведува во извештајот на ДЗР.
Здруженијата и фондациите кои се стекнале со правото на користење средства од Министерството, дел од документацијата ја доставиле на албански јазик, без превод на македонски јазик, што не е во согласност со одредбите на Законот за употреба на македонскиот јазик.
Сомнителни јавни набавки и сервисирање
Ревизорите констатирале и невообичаено ниски цени во тендерите.
„При спроведување на две постапки утврдено е дека за понудената цена, за сервисирање на возила од 0,01 денар за 1 работен час и за провизија од 0,01 проценти од износот на угостителската услуга, комисиите не побарале објаснување за понудената невообичаено ниска цена“,
се додава во извештајот.
Подоцна, при самото фактурирање, цените на деловите биле неколкукратно повисоки од пазарните, а се менувале делови кои воопшто ги немало во листата во тендерската документација.

За одржување на системот за ладење и греење бил склучен договор од 600 000 денари. Сепак, ревизорите откриле дека за речиси целата сума (587000 денари) воопшто не се доставени работни налози потпишани од овластено лице што не овозможува потврда дека услугите навистина биле извршени.
И при набавка на канцелариски материјали во вредност од 732 000 денари, утврдено е дека не постои никаква материјална евиденција за тоа кој ги примил и кој ги издавал материјалите. Дополнително, нарачките не се вршеле електронски како што е предвидено, а во самиот договор „заборавиле“ да стават временска рамка, што е спротивно на законските одредби во огласот.
Ревизорите имале забелешки и за цените кај набавката на средства за хигиена вредна 413 000 денари.
Еден понудувач понудил „невообичаено ниски цени“ од 5 и 9 денари за одредени производи за да го добие тендерот. Откако е склучен договорот, од вкупно 29 понудени ставки, Министерството набавувало само пет производи со највисоки цени.
Недоследности се утврдени и при реализацијата на договорите за одбележување на значајни настани како Охридскиот рамковен договор и Денот на албанската азбука, во вкупна вредност од 9,6 милиони денари.
За наведените настани, како што се додава во извештајот, биле исплатени фактури во износ од над 5,2 милиони денари, но кон нив не е приложена поткрепувачка документација која би потврдила дека услугите реално се извршени.
Исто така, при изборот на најповолен економски оператор за набавка на услуги од авторска агенција, иако како критериум е поседување лиценца А, Б, В или Г за вршење привремени вработувања, комисијата за јавни набавки не побарала да се достават бараните лиценци како доказ за исполнување на условите за учество во постапката за јавни набавки. Како што соопшти ДЗР, вредноста на склучениот договор е 11 800 000 денари.
Од ДЗР укажуваат дека за дел од наведените состојби, по промена на раководството, во текот на 2024 година преземени се активности за нивно надминување, а за дел постапуваат и други надлежни органи.
