Се повикуваат сите македонски државјани што се наоѓаат во овој регион, а имаат потреба од евакуација веднаш да стапат во контакт со Амбасадата доколку досега не го сториле тоа

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вечерва соопшти дека Амбасадата на Северна Македонија во Абу Даби, во координација со властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ги финализира подготовките за комерцијален лет со кој ќе се евакуираат македонските државјани.
Се повикуваат сите македонски државјани што се наоѓаат во овој регион, а имаат потреба од евакуација веднаш да стапат во контакт со Амбасадата доколку досега не го сториле тоа.
Контактот може да се оствари преку телефонскиот број +971 56 441 7532 или на електронската пошта [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“,
наведуваат од Министерството.
Повикот за македонските државјани е објавен и на фејсбук-страницата на македонската амбасада во ОАЕ.
Претходно денеска од Министерството соопштија дека во изминатиот период преку дипломатско-конзуларните претставништва безбедно е извлечено едно лице од Иран – фудбалер кој преку Турција се вратил во Македонија, а шест македонски државјани од Израел веќе обезбедиле авионски билети од Египет кон Скопје, за што асистирало МНР.
Според официјалните податоци на Министерството, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани побарале помош или информации преку претставништвата во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.
