Според информациите што ги соопшти клиниката, пациентката била во 38. гестациска недела и станувало збор за високоризична пациентка со петта бременост по ред. Породувањето било извршено на 27 февруари 2026 година со царски рез, а тоа бил четврти царски рез кај мајката, по претходно извршени три. Клиниката наведува дека операцијата поминала со уреден оперативен тек
Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) објави детали за случајот со 34-годишната родилка која почина по породување со царски рез, нагласувајќи дека официјалната причина за смртта ќе биде соопштена по пристигнувањето на патохистолошкиот наод. Како што посочуваат од ГАК, телото е предадено на обдукција, а случајот веќе бил разгледан и од Комисијата за контрола на квалитет и унапредување на здравствената услуга на ГАК.

Според информациите што ги соопшти клиниката, пациентката била во 38. гестациска недела и станувало збор за високоризична пациентка со петта бременост по ред. Породувањето било извршено на 27 февруари 2026 година со царски рез, а тоа бил четврти царски рез кај мајката, по претходно извршени три. Клиниката наведува дека операцијата поминала со уреден оперативен тек.
„На 27.02 2026 год. на Клиниката за гинекологија и акушерство во 38. гестациска недела од бременоста е породена 34-годишна високо ризична пациентка со петта бременост по ред. Породувањето е завршено со царски рез поради претходно извршени три царски реза по што во случајов бил извршен и четврт царски рез кај мајката. На мајката претходно ѝ биле укажани и сите ризици од евентуално следна бременост. Операцијата поминала со уреден оперативен тек“,
соопштија од ГАК.
По интервенцијата, како што додаваат оттаму, родилката била префрлена на постоперативна интензивна нега, каде во еден момент се пожалила на силна градна болка по што веднаш бил повикан анестезиолог.
„Веднаш била спроведена срцево белодробна и мозочна реанимација од страна на целиот анестезиолошки тим по што кај пациентката биле вратени сите витални параметри. По извршената реанимација, пациентката била пренесена на Одделението за интензивна нега и реанимација на клиниката за гинекологија каде истата била поставена на механичка вентилација и инвазивен и неинвазивен кардијален респираторен мониторинг. За време на престојот на Одделението за интензивна нега и реанимација биле повикани кардиолог и невролог“,
информираат од ГАК.
На пациентката исто така и било направено ЕКГ, ехо на срце, РТГ пулмо, на секои два часа биле испитувани потребните биохемиски комплет лабораториски испитувања, а редовно биле контролорани ацидобазен статус и факторите за коагулација на крвта во консултација со трансфузиолог.
„За третманот на пациентката биле применети сите современи лекови и иследувања. Биле ординирани сите потребни деривати со цел стабилизирање на состојбата, но за жал и покрај сите обиди кај пациентката од страна на мултидисциплираниот пристап кој бил заземен за третманот на пациентката, истата на 01.03.2026г. починала на интензивната нега. Телото е предадено на обдукција. По пристигнувањето на патохистолошкиот наод, клиниката ќе се произнесе за официјалната причина за смртта на оваа родилка. Случајот денес е разгледан од страна на Комисијата за контрола на квалитет и унапредување на здравствената услуга на ГАК“,
стои во соопштението на Клиниката за гинекологија и акушерство.
