Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, се емитува вечерва (2 март 2026 г.) од 20:15 часот на МРТ 1

Како ја доживеа одлуката на Христијан Мицкоски да нема партиски потпретседатели во овој негов лидерски мандат, по кој во 2029 г. ВМРО-ДПМНЕ ќе има нов претседател – е една од темите на кои разговараме со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Дали ја поддржува одлуката на Мицкоски да не прифати измени на Статутот и со тоа неговиот трет лидерски мандат да биде и последен, дали тоа веќе влијае на односите во партијата и во Владата и дали лично тој има амбиција за лидер во 2029 година, се дел од прашањата на кои одговара Николоски. Тема се и: пролонгирањето на рокот за завршување на автопатот Кичево – Охрид до 31 мај 2027 г. и одобрувањето нови 186 милиони евра за таа намена; прашањето дали воопшто ќе се гради автопатската делница Требеништа – Ќафасан (дел од проектот со „Бехтел и Енка“) со оглед на забелешките од УНЕСКО; дали е избрана најдобрата опција за автопатот Гостивар – Букојчани; кој избрза за брзата пруга, па од најави дека ќе има механизација на терен кон крајот на минатата година, сè уште да не е избран ни кредитор. Зборуваме и за тендерот за набавка на 150 електрични автобуси, што премиерот најави дека ќе го финансира со нов заем од Унгарија.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
