Втората награда му беше доделена на новинарот Бојан Блажевски за сторијата „Властите виновни за занемарување на македонската депонија со фосфогипс“, објавена на „Призма БИРН“ и третата награда ја доби новинарот на „Радио Слободна Европа“ Владимир Калински за сторијата „Секој здив боли – потресно сведоштво на пациентка со рак за животот во загадено Скопје“
Новинарот на „360 степени“, Михаил Милошевски, ја доби првата награда за најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс на ЗНМ на тема „Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија“. Наградата беше доделена од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со финансиска поддршка од Шведска за сторијата „Уште пет града дознаа што им го загадува воздухот –што ќе преземат градоначалниците“.

Втората награда му беше доделена на новинарот Бојан Блажевски за сторија со наслов „Властите виновни за занемарување на македонската депонија со фосфогипс“, објавена на „Призма БИРН“ и третата награда ја доби новинарот на „Радио Слободна Европа“, Владимир Калински, за сторијата „Секој здив боли – потресно сведоштво на пациентка со рак за животот во загадено Скопје.“.
Признание му беше доделено и на новинарот Орце Костов од „Фокус“ за сторијата „Ниедна мерка не дава резултат, скопјани дишат најотровен воздух во Европа“.

Според жири-комисијата, составена од новинарите Горан Момироски, Соња Петрушевска и Един Растодер, наградените трудови ги детектираат проблемите со загадувањето на воздухот, нудат можни решенија и даваат значаен придонес кон подигање на јавната свест кон проблемот со загадувањето на воздухот и последиците врз животната средина и здравјето на луѓето.
„Да бидеме двигатели на вистински промени, потребни ни се општествени промени, ни треба информирана и ангажирана јавност и тука е вашата улога. Медиумите и новинарите, раскажувачите на приказни се тука важни“,
порача амбасадорот на Шведска во земјава, Ола Сулстром.
Претставникот на УНДП во земјава, Армен Григоријан, порача дека кога новинарите имаат пристап до податоци, тие не се само известувачи, туку стануваат чувари на животната средина и предводници и шампиони во оваа област.
„Преку пет студии за распределба на изворите на загадување, денес ги имаме техничките отпечатоци на загадување во Куманово, Струмица, Кавадарци, Струга и Гостивар. Овие научни докази не останаа на полица, тие директно придонесоа за изработка на локални планови за квалитет на воздухот“,
рече Григоријан.

Првонаградената сторија објавена на „360 степени“ се фокусира на резултатите од истражувањетo за изворите на загадување на воздухот во пет македонски градови: Струмица, Кавадарци, Куманово, Гостивар и Прилеп. Истражувањето, спроведено во научно-истражувачкиот центар „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, потврди дека во сите пет градови доминантно влијание врз загадувањето има согорувањето на дрва и биомаса за загревање на домовите.
