Во текот на денот, предвидено е Руте да се сретне и со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе има обраќање пред пратениците во законодавниот дом
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утре со највисоки државни и воени почести ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета на земјава, информираат денеска од нејзиниот кабинет.

Официјалната церемонија со највисоки државни и воени почести за пречекот на Руте е закажана за утре во 11 и 50 часот, по што следува тет-а-тет средба меѓу него и претседателката, како и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Еден час по пречекот, односно во 12 и 45 часот се очекува тој и Сиљановска-Давкова да одржат заедничка прес-конференција.
Во текот на денот, предвидено е Руте да се сретне и со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе има обраќање пред пратениците во законодавниот дом.
Според најавите, за време на престојот во земјава ќе ја посети и касарната „Илинен“ во Скопје.
