Седницата, закажана за во 18 часот, ја свика претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, по извршени консултации
Денеска попладне во Вилата „Водно“ ќе се одржи седница на Советот за безбедност, а повод се случувањата на Блискиот Исток по израелско-американскиот напад врз Иран.

Седницата, закажана за во 18 часот, ја свика претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, по извршени консултации.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
Вчера САД и Израел во заедничка акција го нападнаа Иран, по што следуваа одмазднички напади на Техеран кон Израел и американските бази во регионот. Како резултат на нападите, убиен е врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, што предизвика нов бран одмазнички напади на Техеран во регионот.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера информира дека во рамките на институцијата е формиран кризен штаб кој, како што се наведува, континуирано ја следи состојбата со случувањата на Блискиот Исток.
Кризниот штаб, велат од Министерството, е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.
Оттаму апелираа до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања на надлежните институции и строго да постапуваат согласно безбедносните протоколи.
Од ресорното Министерството вчера соопштија дека до дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, единаесет македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел.
Покрај преку Амбасадата во Тел Авив, Министерството е во континуирана комуникација и е целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација и преку дипломатско-конзуларните претставништва во Доха (Катар) и Абу Даби (Обединетите Арапски Емирати).
